Со 227 гласови „за“ и пет „против“, пратениците во Собранието на Србија ја изгласаа новата Влада на чие чело повторно стои Ана Брнабиќ. Воздржани немаше, а отсутни беа 16 пратеници. Премиерката Брнабиќ и членовите на Владата положија заклетва, со што и официјално почна да им тече мандатот.
„Се колнам во верност на Република Србија и со мојата чест се обврзувам да ги почитувам Уставот и законот, да ја извршувам должноста член на Владата совесно, одговорно и посветено и да се посветам на зачувување на Косово и Метохија во рамките на Република Србија“, стои во заклетвата.
Членовите на новата Влада го потпишаа текстот на заклетвата, предавајќи ги потписите на претседателот на Собранието, Ивица Дачиќ. Потоа беше интонирана химната на Србија.
Брнабиќ во своето експозе подготви програма со педесет страници, но пред пратениците образложи пократка форма наведувајќи дека идната влада ќе има програма од шест клучни точки вклучувајќи ја и борбата против коронавирусот, како и заштите на претседателот кој, како што наведе, најави војна против мафијата. Расправата помина во знакот на полемизирањето меѓу владеачкото мнозинство со пратеникот Шаип Камбери кој порача дека оваа Влада, исто како и претходната, нема да направи ништо за интеграција на Албанците кои живеат во јужниот дел на државата.
Фото: RFE/RL
Извор: ba.n1info.com