Американскиот производител на вакцини Новавакс го одложи почетокот на подоцнежната фаза на тестирање на експерименталната вакцина против коронавирус во САД за крајот на идниот месец, а како причина за доцнењето го наведува производствениот процес – објави Гласот на Америка.
Компанијата соопшти дека заклучно со третата фаза на истражувањето, која се спроведува во Британија, очекуваат во првите три месеци од 2021 година да има основа за одобрување на вакцината на глобално ниво, но за тоа не е наведено дополнително објаснување. Компанијата Новавакс соопшти дека планира заклучоците за раните и средните фази на истражувањето да ги соопшти в петок, а податоците кои порано беа објавени укажаа дека вакцината што ја развива оваа компанија може да создаде високо ниво на антитела против коронавирус.
„Мислам дека американската Управа за храна и лекови се воздржуваше од одобрување вакцини за американските граѓани кои не се тестирани во Америка“, изјави Пол Офит, експерт за заразни болести на Универзитетот во Пенсилванија и член на Советодавниот одбор за вакциини на Управата.
Истовремено, неколку фармацевтски компании меѓу кои и Астра Зенека, досега ја известуваа јавноста за фазите на испитување, макар што ниедна од нив не објави дека дошла до наоди чиј резултат би бил барање за одобрение за регистрација на вакцините. Компаниите, вклучувајќи ја и Новавакс, склучија договори за дистрибуција со неколку земји откако ќе бидат одобрени. Компанијата Новавакс во август соопшти дека Велика Британија до крајот на април идната година ќе испорача 60 милиони дози вакцина против коронавирусот. Во меѓувреме, од компанијата се подготвуваат да испорачаат до САД 100 милиони дози до јануари 2021 година, бидејќи американската влада им доделила 1,6 милијарди долари за развој на вакцината, а договори за снабдување со оваа вакцина се потпишани и со Канада и со Јапонија.
Извор: rs.n1info.com