Директор на хрватската компанија „Техникс“ вчера им соопштил на своите работници дека платата ќе им биде намалена за 10 отсто доколку поради невнимание завршат во самоизолација.
– Со оглед на тоа дека ситуацијата од ден на ден е се полоша, ве известувам дека компанијата Техникс ќе воведе свои капацитети за престојување во самоизолација, така да сите оние кои поради невнимание ќе се доведат до таква состојба ќе бидат изолирани во хотелот Краљ. Вработените кои ќе бидат во изолација ќе бидат дестимулирани со 10 отсто на платата. Мораме да бидеме свесни дека со своето однесување надвор од фирмата не се загрозувате само себеси и фамилијата туку и колегите на работа, а со тоа се доведува во опасност стабилноста на компанијата Техникс и задржувањето на работните места, се наведува во соопштението до работниците.
Ваквата одлука директорот Џуро Хорват за ХРТ вели дека е донесена со цел да се „дестимулира“ неодговорното однесување на вработените спрема сопственото здравје и компанијата, бидејќи во моментот недостигале 20 луѓе. Парите кои ќе се скратат од работниците ќе се пренасочеле кон здравите работници кои се однесувале одговорно.
– Сметам дека тоа е плод на несериозноста и неодговорното однесување. Ако човек оди од кафич во кафич, ако сам го предизвикува таквиот нездрав живот, тогаш мора да сноси одговорност. Тоа не треба да го сноси компанијата, туку работниците кои се неодговорни, вели директорот Хорват.
Од Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска се категорични дека казнувањето на работниците на кои им е изречена мерка за самоизолација поради коронавирусот е неприфатливо и противзаконско. Од таму ги повикаа работниците да се спротистават на ваквите однесувања на работодавачите.
– Самоизолацијата е посебна мерка за здравствена заштита која ја одредува надлежното тело по јасно пропишани правила од јавното здравство. Јасно е дека работодавачот на ниеден начин не е овластен да го проценува степенот на лична неодговорност на вработените на кои им била одредена самоизолација, ниту пак може да го прави тоа, велат од Сојузот на синдикати.
Според нив се работи за стигматизирање на вработените, а одлуката на директорот на „Техникс“ вработените да ги сместува во посебен капацитет ја карактеризираат како грубо ограничување на слободата. Синдикатот поднесе и тужба за дискриминација.