По наплив на пациенти со ковид и исполнувањето на капацитетите на Инфективното одделение на штипската болница, како можна алтернатива или план Б пред есенскиот бран, е пренамена на Кожното одделение во нов ковид центар. Ова е одговор на писмото што министерот за здравство го упати до Клиничката болница од Штип, во кое бара да се изнајдат нови сместувачки капацитети за болните од ковид. Според директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев, тоа се сегашните размислувања и останува како можност пред евентуално зголемување на бројот на пацинети, кои имаат потреба од болничко сместување.
Во меѓувреме, ковидот го редуцира работењето на болничката лабораторија, откако десет лаборанти се дома на лекување или во изолација. Редуцирањето на работењето настана откако првично се појавија првите три позитивни случаи на ковид 19. Услугите од лабораторија во Клиничката болница ги вршат преостанатите тројца вработени, кои држат по една смена од 24 часа.
-Редовните контроли се префрлени во Здравствениот дом – Штип, додека во болничката лабораторија се вршат истрагите со ковид, изјави Ален Ѓеорѓијев, директор на Клиничката болница од Штип.
Лабораторијата не е единствената единица чии вработени се погодени од ковид. Уште четири медицински сестри и двајца доктори од неколку други одделенија се со позитивни тестови.


