Додека чекаат за тестирање болните на боледување со „друга дијагноза“ од матичниот, контактите на позитивните отсутни од работа со решение за изолација – ММС
ММС

Објавено на: 10/28/20 2:21 PM

Додека чекаат за тестирање болните на боледување со „друга дијагноза“ од матичниот, контактите на позитивните отсутни од работа со решение за изолација

Секоја температура и болка во грло не мора да значи дека е инфекција со коронавирус. Секој пациент кој ќе почувствува некакви симптоми ќе контактира со матичниот доктор, боледување се отвара нормално и не со дијагноза на коронавирус, потенцираше денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирена Сотирова Бухова.

– Од појава на првите симптоми се додека не утврдиме дали е коронавирус деновите ги покрива матичниот лекар со дијагноза која сам ја поставува. Од времето на тестирање до добивање на резултат секое тестирано лице е законски задолжено без разлика каков ќе биде резултатот, до добивањето да биде во изолација. Позитивните со решение од ДСЗИ од денот од кој се позитивни матичниот доктор треба да им издаде боледување. За контактите оправданоста за отсуство од работа се покрива со решението издадено по основ за контакт, вели Бухова.

Инспекторите на ДСЗИ од февруари до денеска како што рече Бухова вршеле секојдневни и вонредни инспекциски надзори и во приватните и во јавните здравствени установи. Во однос на болните ДСЗИ може да делува само преку вонредни инспекциски надзори онаму каде што има индикација или претставка и по завршените вонредни надзори се иницира вонредни стручни надзори. Протоколите и лекувањето на пациентите ДСЗИ не го контролира.

На новинарско прашање дали има „сиви зони“ на луѓе кои не се во изолација бидејќи заклучно со вчера во земјава има 3551 активен случај, а во изолација се 2351, што значи дека 1200 лица се без решение за изолација, Бухова  беше категорична – нема сиви зони.

– Од шести до 11 октомври ДСЗИ издаде 3924 решенија по основ на позитивни и контакт со позитивни лица. Од 12 до 18, 5243 решенија по двете основи. Од 19 до 25 октомври издадени се вкупно 6715 решенија за позитивни лица или оние кои биле во контакт со позитивен. Според системот кој веќе го воспоставивме веднаш со внесување на позитивно лице информациите ги добива МВР и царина, така да сива зона не постои. Можеби лицата кои се како контакти ќе добијат решение со закаснување од два до три дена заради неопхпдното спроведување на епидемиолошка анкета, бидејќи без неа ДСЗИ не смее и не може да издаде решение за изолација на лице кое било во контакт, вели Бухова.

Инспекциските служби во периодот од 19 до 25 октомври, извршиле вкупно 3950 контроли. Претседателката на Иснепкцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска вели дека инспекторите работат деноноќно и со полн капацитет низ целата држава. Најмногу контроли има извршено ДПИ – 2523 контроли и 613 вонредни инспекциски надзори, при што се поднесени 19 прекршочни и осум кривични пријави за непочитување на протоколите и материјалните закони. Три од кривичните пријави се за свадби во Арачиново, Боговиње и Тетово, четири се за објекти поради прекршување на протоколите – особено за поставеноста на масите, дистанцата и носењето на маски од страна на персоналот.