Патувам со свои пари за доброто на татковината, бидејќи платата е недоволна – Љубе Бошкоски им одговори на ВМРО-ДПМНЕ за странските инвестиции – ММС
ММС

Објавено на: 10/28/20 11:54 AM

Патувам со свои пари за доброто на татковината, бидејќи платата е недоволна – Љубе Бошкоски им одговори на ВМРО-ДПМНЕ за странските инвестиции

Откако ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција посветена на советниците на премиерот Заев прашаа какви инвестиции донесол Љубе Бошкоски како советник за странски инвестиции, тој денеска на својот фејсбук профил му одговори директно на претседателот Мицкоски.

– Ти одговарам подоцна, бидејќи синоќа во Загреб имав состанок со потенцијални инвеститори за обновливи извори на енергија, а денес сум вo Грaц нa сoстaнoк со можни инвеститори во градежништвото и инфраструктурата.Сето го правам на сопствен трошок, бидејќи платата е недоволна за едно патување во странство, но тоа секако не ме спречува да работам за доброто на Татковината, без да побарам ниту денар дополнителни трошоци.И тука ние се разликуваме – во моето дејствување и твоето, се сеќаваш, упорно, бесрамно и невистинито тврдење дека си бил само про-боно советник на Груевски, во време кога тој со над 90 советници трошеше 1,73 милиони евра народни пари, напиша Бошкоски.

Тој вели дека на оваа тема а и за „други битни нешта“ го повикал Мицкоски на ТВ дебата пред целата јавност, па уште еднаш го потсети да се охрабри и да излезе.

– Можеби ќе останат изненадени членовите на ДПМНЕ зад кои сега се криеш, вели Бошкоски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски вчера ја критикуваше Владата затоа што во време на најголема светска криза се расфрла со луксуз – 23 советници кои земаат 240.000 евра плата од буџетот.

Покрај за Љубе Бошкоски, Арсовски праша и што работи поранешната советничка за протокол Ивана Хаџиевска која ги згрешила сите знамиња на државите а сега е советник за меѓународни односи и кога Заев ќе објави колку Национални координатори има и колкави се нивните плати.

Од СДСМ ваквите обвинувања на ДПМНЕ ги нарекоа „конструирани непостоечки случаи за замајување на јавноста“, бидејќи ваквите позиции за советници постоеле во секој претходен кабинет. Потсетија дека Груевски имал 91 советник, што ја чинело државата седум пати повеќе, а и дека еден од советниците бил Мицкоски кој земал 1000 евра месечен надоместок, а во јавност лажел дека тоа го правел про-боно.