Премиерот Зоран Заев денеска на својот „Фејсбук“ профил објави дека го добил резултатот од тестот за КОВИД-19 и дека тој е негативен.
-Многу е важно сите до еден да го чуваме сопственото здравје и здравјето на сите други околу нас. Со целосно почитување на мерките и препораките секој од нас може да даде придонес за јавното здравје.
Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца, да ги избегнуваме големите групни настани и на тој начин заеднички ќе ја добиеме битката со КОВИД-19, порача Заев на ФБ.
Синоќа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека е позитивен, по што премиерот Заев најави дека ќе се тестира, иако, како што рече, немал директни контакти со него и оти тие што ги остварил биле со почитување на сите заштитни мерки.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, исто така на својот„Фејсбук“ профил објави дека е негативен на Ковид-19.
– За време на сите мои активности, максимално и одговорно ги почитувам мерките за заштита на здравјето. Но, поради природата на мојата работа се тестирав за Ковид 19 и тестот е негативен. Да се чуваме и да ги чуваме сите околу нас. Да ги почитуваме мерките и да дадеме придонес во борбата против коронавирусот, пишува Николовски на својот фејсбук профил.
Тој воедно апелираше да граѓаните ги носат маските, да ја држат потребната дистанца и да вршат дезинфекција.


