Од стартот на учебната година до денес за 18 проценти се зголеми бројот на ученици кои следат онлајн настава, соопшти денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Според Царовска, наставниците ги стекнаа потребните вештини, а учениците навиките и онлајн наставата се одвива солидно. За еден месец постигувањата се добри, до 20 ноември ќе треба да се формираат и првите оценки.
Упатствата за формирање оценки за првото тримесечие, потсети министерката, се веќе испратени до наставниците и директорите, што беше и јавно објавено. Онаму каде што ќе има предизвик во формирањето на оценката за онлајн и следење настава на далечина, ученикот ќе може да се повика на индивидуална средба за поквалитетно потврдување на нивото на неговото знаење.
-Тогаш ќе ги видиме предизвиците. Затоа сме во дневна комуникација и со директорите и со градоначалниците, за да може што поквалитетно да се постави овој систем. Предизвици постојат, но ме радува што се постигна континуитет во наставата и што и родителите и учениците ја чувствуваат разликата од оној период кога немаше никаков тип онлајн настава, истакна Царовска, одговорајќи на ноивнарски прашања по презентацијата на резултатите од Јавниот повик на ФИТР за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери.
Царовска смета дека веќе утврдениот начин на настава треба да остане и да се одржи до крајот на школската година. За ротирање ученици на една недела ќе се размислуваше ако состојбата, како што рече, останеше на ниво на 1 октомври и ако се намалуваше бројот на новозаразени, што не е случај.
За децата кои следат настава од далечина, преку телевизија, министерката информира дека Државниот просветен инспекторат проверува дали до нив се доставуваат материјалите.
-Резултатите што ги добив досега се позитивни. Вчера попладне беше испратена апликација до сите училишта да одговорат на кои начини и колку редовно се во комуникација со учениците кои следат настава од далечина, преку телевизор, напомена Царовска.
Во однос на ситуацијата со корона вирусот, информира дека кај 0,06 проценти од вкупниот број ученици има позитивни случаи и кај 0,58 отсто од наставниците. Во реални бројки, се работи за 40 ученици и 52 вработени – наставен и останат кадар во школите.
-Ова е бројка што се појавува и заради зголемувањето на бројот na новозаразени во државата. Но, ситуацијата е стабилна, потоколите се почтиуваат и имлементираат. Затоа и нема рапидно зголемување на бројката кај наставата со физичко присуство, подвлече Царовска.
МИА