Докторите ширум Шпанија денеска излегоа на еднодневен штрајк барајќи поквалитетно здравство.
„Анадолија“ пренесува дека до штрајкот довело одложувањето на операциите кои не биле итни. Конфедерацијата на лекарските синдикати наведува дека 85 отсто од докторитеучествувале во штрајкот.
Синдикатите потенцираат дека поради владините мерки, условите за работа се значително влошени за време на пандемијата. Како главна причина ја наведуваат одлуката која владата ја донесла а со која на лекарите им се овозможува работа во други здравствени области, без разлика на нивната специјализација.
Под паролата „Квалитетно здравје“ тие бараат да се подобрат условите за работа, докторите да работат само во областите во кои специјализирале, да се зголеми бројот на вработени и да се вложи повеќе во државното здравство.
Даниел Бернабеу, потпретседател на здружението на лекари во Мадрид изјавил дека невложувањето во здравството и долготрајната работа во лоши услови станале уште посериозен проблем за време на коронакризата.
– Ковид-19 покажа дека нашата здравствена инфраструктура не е доволна против кризата. Не можеме да се грижиме за другите пациенти поради коронавирусот. Според нашето мислење ова е сериозен проблем и неподнослив за граѓаните, вели Бернабеу.
Докторите најавија дека ќе продолжат да штрајкуваат секој последен вторник во месецот, додека нивните барања не бидат слушнати и не седнат да преговараат со владата.


