За десетина дена ќе профункционира електронското плаќање на патарините – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/18 9:54 AM

За десетина дена ќе профункционира електронското плаќање на патарините

За десетина дена ќе почне да функционира електронското плаќање на патарините во земјава – најави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов. Според него, ваквото плаќање ќе се тестира во следните седум дена, а кога ќе биде се’  подготвено ќе почне да функционира од Коридор 10.

„Веќе се комплетно спремни Романовце, Сопот и Отовица. Кај Стоби кај Кавадарци се гради нова патарина која треба да биде готова до октомври,  но правиме напори и на постоечката да го ставиме софтверот електронски, за да може цел Коридор 10 да функционира со електронски систем. На Коридор 8 обновени се сите патарини со современи пунктови, таму останува софтверот да се додаде, другото е средено“, појасни Китанов денеска  на прес конференција.

Тој соопшти дека приходот кој Јавното претпријатие за државни патишта го остварило од патарини во првите шест месеци од годината е зголемен за 54 милиони во споредба со истиот период лани. Китанов смета дека ова се должи на зголемениот интензитет на сообраќајот, а можеби како што вели тој, и поради подобрената организиранот.