Му дојде крајот на „медениот месец“ на Евертон, Јунајтед и Челзи пријателски ги поделија бодовите во шестото коло во Премиер Лигата – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/20 8:27 PM

Му дојде крајот на „медениот месец“ на Евертон, Јунајтед и Челзи пријателски ги поделија бодовите во шестото коло во Премиер Лигата

Првите пет места на табелата во шесте воведни премиерлигашки кола ги заземаат екипите на Евертон, Астон Вила, Лестер, Лидс. И еден тим кој „боде очи“ и не припаѓа во ова друштво, шампионот Ливерпул. Кој би рекол дека „Мерсисајд“ дербито минатото коло ќе биде дерби за врвот на табелата, или пак кој би рекол дека покрај одличниот Сон, Патрик Бамфорд и Калверт-Луин ќе бидат најдобри стрелци во лигата.

Веројатно многу малку луѓе, но ако нешто научивме во овој пост-корона и „Ковид-19“ фудбал, тоа е дека онаа старата и излитена „денес секој може секого да победи, тоа е фудбал“, конечно почна да се остварува во пракса.

Иако овој фудбал во раната фаза во Премиер Лигата е претерано забавен за гледалиштето и неутралните љубители на играта, впечатокот е дека како никогаш досега во последните две децении токму во оваа фаза од сезоната, квалитетот на фудбалот кој се прикажува на празните терени низ Англија е на многу пониско ниво од претходно. Неможноста на клубовите да имаат стандардна пред-сезона, а со тоа доаѓа и евидентната физичка неподготвеност на добар дел од тимовите и играчите од викенд во викенд, повредите кои произлегуваат од недостатокот од летни подготовки, отсуството на фудбалери од ростерот поради заразеност од коронавирус и уште мал милион фактори, на овој или оној начин имаат силен импакт врз изданијата на премиерлигашите.

Повратникот во Премиер Лигата после 17 години, Лидс Јунајтед, во петокот на отворањето ја расипа соврешната 4/4 серија на момците на Дин Смит и тоа на спектакуларен начин во вториот дел од натпреварот. Хет-трикот на некогашниот младинец на Челзи, Патрик Бамфорд, го вивна Лидс на петтото место на табелата и го стави во категорија „потенцијални изненадувања“ за сезоната 2020/2021. Тимот на Марсело Биелса совршено ги има усогласено двата најважни компоненти во фудбалот, играта и резултатите. Тие не само што победуваат, туку победуваат практикувајќи ја својата напаѓачка филозофија. Како и во Чемпионшип, овој колектив на „Ел Локо“ во првиот дел од сезоната брилијира. Колку формата ќе ја задржат за во критичниот по нив втор дел од сезоната, барем од досегашното искуство во второто по квалитет клупско натпреварување во Англија, останува енигма.

Дербито на шестото коло се одигра на „Олд Трафорд“. И разочара, од повеќе аспекти. Не видовме ниту сенка од потенцијално најдобриот напад во лигата предводен од Тимо Вернер, Каи Хаверц и Кристијан Пулишиќ и не видовме ниту сенка од оној полетен Манчестер Јунајтед во пост-корона летните месеци од сезоната 2019/2020. Јунајтед и Челзи ги поделија бодовите, недопирајќи ги мрежите на Едуар Менди и Давид Де Геа. Оле Гунар Солскјер и Френк Лампард едноставно не сакаа да загубат. Односно, единствено не сакаа да загубат по ниедна цена. Хаверц на крилна позиција и повлечен на 40 метри од противничкиот гол и МекТоминај и Фред во првиот состав, а Погба, Гринвуд, Ван де Бек на клупа, одличен е показател за замислите на двајцата тренери и отклонот од нивните примарни фудбалски стратегии. Впрочем, кога голманот е играч на натпреварот – неверојатниот Едуар Менди, тогаш и повеќе од јасно е каков фудбал се играл на „театарот на соништата“. Поранешниот голман на француски Рен импресионираше на голот на Челзи. При крајот на првиот дел му одбрани „зицер“ на Маркус Рашфорд и го осуети обидот на Хуан Мата со фантастична парада, а во последните моменти на второто полувреме уште еднаш беше подобар од Маркус Рашфорд, спасувајќи го Челзи од пораз на тешкото гостување.

По нерешениот исход во дербито против Ливерпул минатата недела, пријатното изненадување Евертон се чини дека полека почна да го губи моментумот од првите четири меча во новата сезона. Отсуството на Ричарлисон и медиумската хајка кон чуварот на мрежата на англиската фудбалска репрезентација и Евертон, Џордан Пикфорд, кој поради стартот над Ван Дајк во дербито беше дел од „ловот на вештерки“ низ англиските медиуми и помеѓу фан-базата на црвениот дел од Ливерпул, во добра мера претставуваа причина за бледото и непрепознатливо издание на „карамелите“ против стабилниот Саутемптон на југот на Англија.

Домаќините на „Сент Мерис“ по првиот свиреж на Кевинд Френд тргаа во освојување на трите бода. Акцијата за првиот гол започната од Стјуарт Армстронг, по додавањето на Дени Ингс успешно беше реализирана од Џејми Ворд-Праус во 27 минута од натпреварот. Осум минути подоцна Дени Ингс повторно се најде во улогата на асистент, овојпат кон својот партнер од нападот, Че Адамс. Немоќта на момците на Карло Анчелоти дојде до израз во 71 минута од дуелот кога левиот бек на Евертон, Лукас Дињ, доби директен црвен картон и мораше предвреме да го напушти теренот. Сепак, поразот на Евертон не влијаеше директно врз позицијата на табелата, бидејќи после шест кола Евертон е се уште прв со 13 освоени бодови, исто колку и ривалот Ливерпул, но со значително подобра гол разлика и со само девет примени голови во однос на Ливерпул кој има зачудувачки 14 примени голови.

Од останатите натпревари во саботната и неделната програма во Премиер Лигата, Вест Хем продолжува во одлична форма да „кине“ бодови од фаворитите. После фантастичниот камбек против Тотенхем, „чеканите“ успеаа да го зауздаат и Манчестер Сити во намерата конечно да почнат да победуваат и да фатат приклучок во врвот. Центаршутот на летното засилување од Славија Прага, Владимир Цуфал, перфектно го искористи во шеснаесетникот Антонио, донесувајќи му водство на својот тим од 1:0. Сити релативно брзо во вториот дел се врати во игра преку резервистот Фил Фоден, но за нивна жал 1:1 беше и крајниот резултат.

Кристал Палас преку Заха и Ридевалд со 1:2 извлече победа во лондонското дерби против Фулам, додека пак Ливерпул потешко од очекувањата го порази Шефилд Јунајтед со 2:1 на „Енфилд Роуд“, со головите на Роберто Фирмино и Диого Џота. За гостите Сандер Берге од белата точка беше прецизен.

Голот од слободен удар во 89 минута на Џејкоб Марфи му донесе бод на Њукасл во дуелот против Волвс, во листата на стрелци кај домаќините се запиша Мексиканецот, Раул Хименез. Арсенал на „Емирати“ загуби 0:1 oд Лестер, Џејми Варди од клупа уште еднаш беше главниот егзекутор против „топџиите“, искористувајќи го центаршутот на новајлијаат Џенгиз Ундер.

Брајтон и ВБА и Барнли и Тотенхем понеделнички го затвораат шестото коло во Премиер Лигата.

 

Фото:

www.si.com

www.bbc.co.uk

Twitter

 

Давор Јосифоски