ВМРО-ДПМНЕ пред два дена побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче, бидејќи не преземал одговорност за големиот број на новозаразени и немал стратегија за справување со есенскиот бран. Тие денеска повторно преку соопштение го повикаа министерот да излезе и да каже зошто не направил ништо во текот на летниот период, иако имал доволно време и знаел дека ќе има втор бран на коронавирусот.
Денеска оставка побара и политичката партија Левица, бидејќи Филипче не знаел да се справи со кризата и имал директна вина за продлабочувањето на истата. Од таму се категорични дека според статистичките извештаи на www.worldometers.info/coronavirus, Македонија е прва по број на починати во 24 часа на милион жители.
– Ова уште еднаш ја покажува алармантно лошата кондиција на нашиот здравствен систем, неквалитетното менаџирање со кризата и неодговорноста на министерот за здравство, Венко Филипче. Тој на почетокот на пандемијата, рече дека пикот на заразени се очекува да достигне до 2000, а како што може да се види од објавените бројки, до вчера вкупно детектирани заразени се 26.954 лица, а активни 7.408. Секако овде треба да се земе предвид дека во вкупната бројка влегуваат и болните со симптоми и позитивните без симптоми.На денешната прес-конференција, Филипче изјави дека, над 85% од досега (919) починатите од Ковид-19 имале други хронични болести. На новинарско прашање за тоа дали дел од пациентите починале од друга болест, но биле заведени дека починале од Ковид, Филипче рече дека, тоа е точно, но оти од самиот почеток доколку пациентот имал позитивен тест, иако имал некоја сериозна болест, сепак причината за смрт се запишува како Ковид-19. Погрешните одлуки на Владата се согледуваат и во тоа што хронично болните лица, иако се загрозена категорија, повторно беа вратени на работните места – додека Владата се обидува да протне онлајн-седници на Собранието, реагираат од Левица.
Тие сметаат дека ова министерство на чело со Филипче, треба да престане со стратегијата на префрлање вина на „непослушниот“ народ, бидејќи токму тој и другите функционери и вработени во ова министерство се поставени таму, за да ги градат политиките и стратегијата за менаџирање со кризи, со цел да обезбедат безбеден и здрав живот на народот, но како што велат, тие напротив, со месеци креирајќи јавно мислење, преку средствата за комуникација, го обвинуваат народот со цел да ја сокријат сопствената неспособност.
– Филипче до вчера ја повторуваше мантрата дека, нашето здравство има доволен капацитет и услови за справување дури и со зголемен број на случаи, и со тоа креираше лажна слика на сигурност кај јавноста. Ако земеме предвид дека здравствените системи на Италија и Шпанија колабираа (и други поразвиени земји едвај се справуваат), тогаш јасно ни’ е како ден, дека министерот Филипче го манипулира и го лаже народот, само за да си ја задржи фотелјата. Арогантниот однос на Филипче кон народот не застанува со обвинувањата за ширењето на вирусот. Тестовите кои се прават на државна сметка се многу помалку отколку оние во приватните клиники. Според објавените информации во јавност, завчера за едно деноноќие се направени само 776 на државна сметка, а останатите 1125 во приватните клиники, за кои пациентите платиле вкупно 75 илјади евра. Освен ова, огромни се сумите со кои полицијата ги казнува оние кои ќе ги фати без маска, во кола, или онаму кадешто е пропишано да се носи, додека пак кафичите во сопственост на блиски личности до власта, не се санкционираат, иако ги прекршуваат правилата, велат од Левица.


