Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, истакна дека ќе се зголеми бројот на тестови во државните лаборатории. Ќе се обезбедат 350 дополнителни тестови – по сто во Центарот за јавно здравје и во лабораторијата во Козле и 150 тестови во Институтот за јавно здравје.
Со новите тестови ќе се зголеми капацитетот на тестирање па според д-р Караџовски, ќе може да се постигне дневна бројка и до 2000 државни тестирања.
– Отвараме нови простории утре наутро, не само приемно одделение туку и уште едно приемно одделение во кое ќе има лаборант и ќе ја убрзаме работата за земање тестови. Гужвата што сега се створи од 20-25 луѓе кога ќе има два пункта ќе ја снема. Тестови има, лаборанти има, администрирањето на овие тествои ќе го прави ИЈЗ. Наместо досегашните 700 тестови ќе дојдеме до 1000 тестови кои ИЈЗ ќе може да ги прави, Работиме 16 саати за да можеме да издржиме, ќе отвориме и додатни термини преку „Мој термин“, потенцира Караџовски.
Во следната недела тој верува дека ќе се усвои и планот за брзи тестови со кои дијагностика ќе се добива за 15 тина минути.
Запрашан дали ваквите тестови ќе се продаваат во аптеките, Караџовски одговори дека тоа не се тестови за бременост, туку дека има точен протокол по кој се тестира и тој мора да се почитува.
Министерот за здравство истакна дека се разгледува опција да се прават тестови преку Фондот во приватните лаборатории, што значи дека по иста цена ќе може да се тестира можеби и побрзо во приватните болници, но ваквата одлука би се донесла до крајот на неделата.