(Видео) МВР пронајде околу 100 кг хашиш – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/20 11:52 AM

(Видео) МВР пронајде околу 100 кг хашиш

Во текот на вчерашниот ден (25.10) Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во заедничка акција со полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции и СВР Охрид  пресече меѓународен транспорт на наркотична дрога – хашиш во количина од околу 100 килограми.

– Имено, околу 12.20 часот, во непосредна близина на градските гробишта во Охрид полициски службеници запреле товарно возило – комбе „цитроен“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ч.Б.(53), државјанин на Р.Турција. При извршен преглед на комбето, во задниот багажен простор, пронајдени се три големи картонски кутии и една полиетиленска торба во кои биле сместени 114 пакувања хашиш. Од страна на крим-техника е извршена обработка на возилото и подигнати се материјални докази, а Ч.Б. е лишен од слобода и приведен во СВР Охрид. По преземени мерки и активности е утврдено дека Ч.Б. пред околу две недели со авион пристигнал од Истанбул во Приштина, пa во Република Северна Македонија и во Скопје остварил средба со неколку лица за да го изврши транспортот на дрогата од нашата земја во Република Турција, информираат од МВР.

Од таму додаваат и дека по комплетирање на целосната документација против Ч.Б. ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Охрид, со цел определување мерка притвор.  Покрај ова, во текот на вчерашниот ден извршени се претреси на подрачјето на Скопје, при што се лишени од слобода  уште две лица и одземени се предмети за понатамошна постапка, а во консултација со Јавен обвинител кривичната пријава ќе биде проширена.