Миланов: Ескалира состојбата со коронавирусот во штипскиот регион – ММС
ММС

Објавено на: 10/26/20 11:41 AM

Миланов: Ескалира состојбата со коронавирусот во штипскиот регион

Ескалира состојбата со коронавирусот во штипскиот регион, оцени денеска в.д градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов. Во моментов има 200 активни случаи, а денеска е регистриран и втор случај на заразена воспитувачка во објектот „Сончогледи” во рамки на градинката „Астибо”.

-Таму имаме уште еден случај и децата од новата група се ставени во изолација, а исто така и негователката од таа група е ставена во изолација, посочи Миланов.

Минатата недела 40 деца од основното училиште „Тошо Арсов” и од градинката „Сончогледи” во населбата Сењак беа ставени во изолација, откако вирусот се потврди кај наставничка и воспитувачка и негователка во градинката. Но, вирусот се шири и меѓу студентите и пензионерите.

-Она што го имам како информација од Центарот за јавно здравје-Штип е дека за жал вирусот интензивно се шири во круговите, кои се опфатени со заштитните мерки, во смисла на онлајн настава и тоа во студентската популација се повеќе е прусутен овој вирус и за жал меѓу пензионерите. Тоа е информација, што ја имам од денеска и во таа насока, значи дека вирусот се шири не за време на нечиј работен ангажман и обврски на студенти, туку и по пат на оваа дружење, надвор од работното време, додаде Миланов.

Тој истакна дека во моментов имаат проблеми со превозот на ученици од соседните градови, кои треба да имаат практична настава со физичко присуство. Но смета дека овој проблем ќе биде надминат, во интерес на учениците.

 

МИА