На вчерашниот конгрес на СДСМ, штипската организација на владејачката партија добила зелено светло од утре да ја почне постапката за внатрешно кандидирање на предлог за претстајните Вонредни локални избори за избор на градоначалник во Штип. Во исто време, утре ќе биде распишан и јавен повик, преку кој ќе се бараат предлози на луѓе, кои се блиски до идеологијата на социјалдемократите, а кои сметаат дека можат да ја вршат градоначалничката функција. Ова го потврди Александар Кангалов, претседател на општинската организација на СДСМ од Штип, кој рече дека од утре до 31 октомври тече рокот за самокандидирање.
-Очекуваме квалитетни кандидати, кои ќе понудат своја програма за работа. Што се однесува до анкетата за проверка на рејтингот на неколку потенцијални кандидати, таа е спроведена од партиската централа и е завршена, изјави Кангалов.
Тој не даде информации за тоа кој од петте кандидати ужива најголем рејтинг. Како што веќе информиравме, се проверуваше рејтингот на пратеникот д-р Сашко Николов, Билјана Казанџиска, д-р Ален Ѓеорѓиев, Александар Кангалов и Јане Миланов.
Додека СДСМ се’ уште јавно не излегува со име, од опозициската ВМРО ДПМНЕ неофицијално брифираат дека нивен кандидат за вонредните избори е актуеллниот пратеник Иван Јорданов, кој е и претседател на Општинскиот комитет на партијата во Штип. Изборот донекаде беше очекуван, иако имаше неофицијални најави дека може да „истрча“ и поранешниот градоначалник Илчо Захариев.
Јорданов деновиве ги користи сите партиски прилики да се појави низ медиумите и само минатата недела имаше три гостувања на три национални медиуми.
Ако се потврдат претпоставките, на овие вонредните локални избори за градоначалник на Штип ќе влезат двајца актуелни млади пратеници, кои до сега, поради реткото заседавање на Собранието, јавноста немаше многу прилика да ги запознае од говорницата.
Во трка да ги собере неопходните потписи за кандидирање е и независниот кандидат Трајче Митев. Тој веќе имаше едно искуство, во 2005 година, кога на Локалните избори влезе во трката за градоначалник, кога победи кандидатот на СДСМ, Панде Сарев.
Имињата ќе бидат познати на седми ноемвири, кога е рокот за поднесување на кандидатските листи.
Штип ќе избира градоначалник на 13 декември на вонредни локални избори, откако досегашниот градоначалник Благој Бочварски, беше избран за министер за транспорт и врски.