Ситуацијата со децата заглавени во пештерата на Тајланд е влошена откако за време на операција за спасување, спасувачите волонтери ненамерно впумпале дополнителна количина вода наместо да ја испумпаат – пренесе МИА.
Според командирот на акцијата за спасување, Наронгсак Останакорн волонтерите, дејствувајќи самостојно, впумпале вода во дел од пештерата кој е поплавен и кој моментално се празни со цел децата, заедно со својот тренер, да можат безбедно да преминат:
„Можеби веруваат дека нивните техники се ефектни за вадење подземна вода, но се што не е планирано прво мора да го проверат со нас. Се тркаме против вода која се слева во пештерата, иако ги затворивме каналите по кои тече“.
На волонтерите им е укажано на грешката што ја направиле, а претставник на Министерството за внатрешни работи на Тајланд, Пунсак Вунгсатнгием, за „Гардијан“ изјави дека нивото на водата во изминатите неколку дена е намалено за 40 отсто, со што речиси е расчистена делницата од 1.600 метри која децата ќе мора да ја поминат.
Тие во моментов се наоѓаат на околу четири километри од влезот на пештерата.
Децата и нивниот тренер беа пронајдени живи во пештера на Тајланд, девет дена откако исчезнаа во неа по поплава, исцрпени се и имаат помали повреди, а преживеале со пиење вода која капе од сталактитите.
Спасувачките тимови на Тајланд во понеделникот ги пронајдоа 12-те деца, на вораст од 11 до 16 години, и нивниот 25-годишен фудбалски тренер, кои на 23 јуни влегле во пештерата Там Луанг.