Северна Кореја ги предупреди своите граѓани да останат дома бидејќи „жолтата прашина“ која дува од Кина може да донесе и коронавирус.
„Би-Би-Си“ објави дека улиците низ главниот град Пјонгјанг вчеравечер биле празни поради ваквото предупредување.
Севернокорејските власти тврдат дека државата е без потврдени случаи на коронавирус, но се во состојба на готовност од Јануари, со затворени граници и строги рестрикции во движењето.
Иако се уште не е утврдена поврзаност меѓу сезонските песочни бури и коронавирусот, Северна Кореја не е единствена земја која издаде вакво предупредување. И Туркменистан ги предупреди своите граѓани да носат маски бидејќи прашината може да донесе вируси.
Корејската државна телевизија во средата емитувала специјална временска прогноза во која предупредила на доаѓањето на жолтата прашина следниот ден, а и ги забранила градежните работи на отворено.
Жолтата прашина е всушност песокот кој ветерот го дува од Монголските и Кинеските пустини накај Северна Кореја во одредени периоди од годината.
Американскиот центар за контрола на заразни болести вели дека иако коронавирусот може да биде во воздухот „со часови“, сепак е речиси невозможно некој да се инфицира на таков начин особено на отворено.
Медиумите во Јужна Кореја исто така ја оценија како невозможна идејата дека „жолтата прашина“ може да донесе коронавирус.