Порто извлече бод во последните моменти, Вардар не успеа да ја потврди победата над Фленсбург – ММС
ММС

Објавено на: 10/23/20 11:26 AM

Порто извлече бод во последните моменти, Вардар не успеа да ја потврди победата над Фленсбург

Вечерта во „Јане Сандански“ беше одбележана од двајцата репрезентативни голмани на двете различни страни. Кога голманите брилијараат, крајниот исход можеби е и очекуван.

Вардар во Скопје не успеа да го победи цврстиот португалски противник и не успеа да ја потврди победата над Фленсбург од минатата недела. Натпреварот во најголемиот дел беше играчки и резултатски изедначен. Гостите многу често, особено во првото полувреме нападите ги играа со седум ракометари во нападот и без чувар на мрежата и тоа му овозможи на голманот на црвено-црните, Борко Ристовски, да се запише дури четири пати во листата на стрелците. Успешно реализираната контра на Тимур Дибиров во последните секунди од првиот дел му донесоа на Вардар минимално водство од 13:12 на полувремето. Надмудрувањето на двата колективи влезе во неизвесна завршница. Во 58 минута Дибиров го израмни резултатот на 24:24, а хрватскиот интернационалец Иван Чупиќ, на минута пред крај го сврти мечот во полза на Вардар и донесе водство од 25:24 кое се чинеше како финално и доволно за два бода освоени во двобојот.

Но, Португалците уште еднаш докажаа дека неслучајно се наоѓаат во најквалитетното натпреварување. По неуспешниот цепелин топката повторно се најде во нивен посед и заврши во мрежата на Борко Ристовски. Само 33 секунди го делеа европскиот првак од нова победа и фаќање место на врвот во Групата А од Лигата на Шампионите.

Кај нашиот претставник во Европа, Иван Чупиќ со седум погодоци го презеде приматот најдобар стрелец на мечот. Виктор Итуриза со седум и Антонио Ареиа со пет, кој погоди во последните секунди и извлече бод за неговиот тим, беа скорерски најрасположени во редовите на Порто. Куриозитет е тоа што Борко Ристовски беше третиот најдобар стрелец кај вардарци со четири постигнати голови, еден помалку од Марко Вујин

Сепак, статистички гледано, но не од онаа статистика која не открива многу, туку статистика која се отелотворува на паркет, Борко Ристовски и Никола Митревски беа во центарот на вниманието.

Ристовски одбрани 18 пати или 42 отсто голманска ефикасност. Митревски со 11 одбрани пак, имаше 35 отсто ефикасност во бранењето на својот гол.

-Очекувавме тежок натпревар, бидејќи тие играат добро 7-6 и тоа се оствари. На крајот, немавме среќа да победиме, но можеби Порто го заслужи својот бод. Тие добро ја проучиле нашата игра. Голем хендикеп за нас беше отсуството на Дисингер. Освен Марко Вујин, немавме шутер однадвор. Бевме добро затворени. Имавме голем проблем во нападот, одбраната беше добра, изјави Стевчо Алушовски непосредно по завршувањето на дуелот.

Со овој бод Вардар остана на петтата позиција на табелата со три освоени бода и два натпревари помалку во однос на конкурентите Порто, Мешков Брест, Фленсбург и Киелце.

Следниот натпревар на вардарци ќе биде против тимот на ПСЖ.

 

 

Фото:

РК Вардар официјален веб-сајт