СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ во очај поднесува кривична пријава за непостоечко дело – ММС
ММС

Објавено на: 07/5/18 3:07 PM

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ во очај поднесува кривична пријава за непостоечко дело

Целото политичко делување на ВМРО-ДПМНЕ се сведува единствено на пласирање невистини и ширење лажни вести. Без изградени ставови за клучните прашања, без концепт и политики во интерес на граѓаните. Нема јавен настап на опозициската партија кој не е полн со невистини, измислици и клевети – реагира денеска СДСМ, по поднесувањето кривични пријави од страна на опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ во очај поднесува кривична пријава за непостоечко дело, нешто што нема никаква врска со реалноста ниту пак со некакви кривични дела.

Вакви провидни очајни чекори покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи. Нема параван за невистините на ВМРО-ДПМНЕ. Од штетното делување на ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорге Иванов, насочено против македонската иднина, против членство во НАТО и ЕУ и против зајакнувањето на македонскиот идентитет и посебност нема поголемо велепредавство. Тоа нема да помине. Договорот е патриотски чин што ги обезбедува врвните националните и државни интереси, чин што го зајакнува македонскиот идентитет и ја обезбедува европската иднина на Македонија. Граѓаните, СДСМ и сите демократски општествени чинители нема да дозволат деструктивните сили да ја вратат Македонија во времето на изолација, тензии, поделби и неизвесност – се вели меѓу другото во реакцијата.