Топлите зими ги предомислуваат преселниците да одат на југ – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/20 1:35 PM

Топлите зими ги предомислуваат преселниците да одат на југ

Климатските промени си го прават своето и ги менуваат вообичаените текови на природата и сите кои живеат во неа, а показател за тоа се и преселните птици. Благите зими и топлата клима се причина преселните птици, како што се штрковите честопати да се решаваат и да презимат во нашите јужни потопли краеви, велат еколозите.

Од Македонското еколошко друштво и оваа година учествуваа во европските денови на набљудување птици со неколку експедиции и забележале повеќе од 60 видови птици кои се дел од редовната миграција. Сепак, многу често поради погодните временски услови, но и од други надворешни фактори има случаи кога птиците остануваат и презимуваат на југот од Македонија, ни појаснува Данка Узунова од МЕД.

– Климатските промени се забележуваат низ цела Европа, не само во Македонија, се прават истражувања за следењето на популациите на ваквите преселни видови… Ваквите подрачја се нарекуваат привремени престојувалишта за кои е битно да нема вознемирувања од човечки фактор, за лесно да си ја завршат миграцијата – објаснува Узунова.

Штркот не е единствена прелетна птица во Македонија, но тој е можеби најпрепознатлива птица преселница кај нас, вели Узунова, и додава дека има над стотина вакви птици кои прелетуваат во нашата земја.

– Многу често бевме сведоци, а посебно пред две години, кога во Богданци, поточно во селото Стојаково, парови штркови остануваа да презимат поради благите зими – потсетува Узунова.
Истражувањата на еколозите покажале дека многу често миграцијата зависи не само од климата туку и од достапноста до водни површини на кои птиците застануваат и одмораат за да може да стигнат до крајната дестинација.

Роза Шулева