Eдна инспекциска служба и комунална полиција, градоначалниците дебатираа и ги споделија своите идеи за поголема ефикасност на територијата на Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/20 11:35 AM

Eдна инспекциска служба и комунална полиција, градоначалниците дебатираа и ги споделија своите идеи за поголема ефикасност на територијата на Скопје

На дебатата „Како до ефикасни независни инспекциски служби“, одржана денес во Советот на Град Скопје, градоначалниците на повеќе скопски општини ги споделија своите ставови и идеи во однос на инспекциските служби на територијата на Скопје, дискутирајќи за тоа дали, што и како може тие да се реформираат со цел да бидат поефективни и поефикасни, особено сега во време на пандемијата на коронавирусот.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, рече дека создавање на една инспекциска служба на територија на цел град ќе ја зголеми во голема мера ефикасноста, со оглед на тоа дека некои општини засебно немаат потребни услови и финансиски и човечки ресурси за целосно спроведување на законите, но исто така ќе ја зголеми и соработката помеѓу општините.

-Ќе биде поефикасно доколку се направи една инспекциска служба од цел град. Инспектори од Ѓорче Петров ќе доаѓаат во Кисела Вода и обратно. Тоа е важно од повеќе аспекти. Некои инспекциски служби немаат опременост, возила, помагала, некои служби пак, можеби имаат, изјави Темелковски.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, беше на иста линија со неговиот колега, одејќи чекор понапред со предлог за формирање на комунална полиција по примерот на некои големи градови од околината, Загреб и Белград. Тој вели дека облекувањето униформа на инспекторите можеби ќе влева повеќе авторитет и со тоа ќе се надмине таа субјективна граница која инспекицските служби во секоја општина ја имаат. Според него, во секое маало и населба, службите знаат да бидат попустливи со своите сограѓани и соседи и затоа ова би значело промена на работите.

Таткото на Град Скопје, Петре Шилегов, објасни дека најважна е политичката волја присутна кај сите градоначалници од оваа политичка гарнитура, на територијата на главниот град на државава. Шилегов изјави дека градот полека, но сигурно е подготвен да ја преземе целокупната инспекциска надлежност во градот.

-Постои политичка волја да се стави крај на слабостите. Заедно со 10 градоначалници е многупати разговарано. Градот полека, но сигурно е подготвен да ја преземе целокупната инспекциска надлежност на територија на цел град. Заедно со десетте скопски општини ќе се изврши централизирање на инспекциски надзор. Целта е да се избегнат случаи со дивоградби како оној со „Мавровка“, истакна Петре Шилегов.

Покрај градоначалниците, на дебатата беа присутни и членови на невладиниот сектор.

 

 

Давор Јосифоски