Откако пациентот ќе оздрави од коронавирусот, антителата може да се задржат во неговиот организам од шест месеци па дури до една година – утврдија истражувачите од Институтот за примена на нуклеарна енергија во Белград. Резултатите од нивните истражувања се совпаѓаат со оние истражувања направени надвор од земјата, што е спротивно од последната теза дека антителата траат три месеци.
Податоците до кои дошле српските истражувачи покажуваат дека антителата не се задржуваат кратко како што се веруваше на почетокот, кога почна пандемијата со коронавирусот – објаснува за Блиц, д-р Марија Гњатовиќ, истражувач од Институтот.
„Истражувањата покажаа дека антителата остануваат кај пациентите кои ги следиме од март, што значи дека не доаѓа до драстичен пад на вредностите, па врз основа на тоа мoже да се претпостави дека антителата може да се задржат и до една година. Но, се’ повеќе има истражувања кои се направени во странство и кои го потврдуваат истото. Откако почна пандемијата постојано се зборуваше за тоа дека антителата бргу исчезнуваат, се зборуваше за пад после три месеци, меѓутоа се случи она кое го претпоставив, а тоа е дека тогаш се користени несигурни тестови, така што врз основа на новите податоци имаме информација дека антителата дефинитивно остануваат и подолго од шест месеци“, објаснува докторката.
Д-р Исидора Станковиќ пак, која докторирала во Њујорк во областа на биомедицинските науки, објаснува дека научниците секој ден ги „склопуваат коцките“ за тоа како функционира ковид-19.
Научниот труд кој пред неколку дена го објавија експертите од Универзитетот во Аризона носи охрабрувачки вести во однос на создавањето антитела во човечкиот организам – смета Станковиќ.
„Само овие недели се објавени два научни труда кои покажуваат како реагира вирусот со нашиот имунолошки систем. Првиот труд е изработен од научници од Харвард и тој покажува дека кога ќе се инфицира организмот, тој ја руши првата одбранбена линија на нашиот имунолошки систем. Нашиот имунолошки систем лачи протеини што ги користи како сигнали што укажуваат дека вирусот е во организмот. Кога станува збор за коронавирусот, тој реагира со протеини и ги уништува на дури три начини на молекуларно ниво, што порано го немаме видено кај другите вируси“, објаснила докторката за Н1.
Според неа, научниците дошле до сознание дека антителата што се специфични за овој вирус траат од пет до седум месеци и веруваат дека ова е многу важно за создавањето на новата вакцина.
Инаку, д-р Гњатовиќ додава дека пациентите со потешка клиничка слика создаваат поголема количина антитела, но сепак тоа не е правило за секого:
„Потешката клиничка слика предизвикува создавање поголема количина антитела. Поблагата клиничка слика или асимптоматските случаи генерално имаат пониски вредности на антитела, но тоа не е правило кое важи за сто проценти од пациените. Имаме и асимптоматски случаи во кои луѓе што немаат ниту еден симптом, а развиле големи вредности на антитела“.
По првиот бран, стапката на инфекција на населението беше 6,4 проценти, а денес, кога сме во третиот бран, се смета дека е околу 20 проценти:
„Ова е секако трето зголемување на бројот на заразени, не можеме да зборуваме за конкретни податоци бидејќи тие сè уште не се собрани, но мојата претпоставка заснована врз мониторинг на епидемиолошката студија е дека сме некаде околу 20%, што сè уште не е доволно за да се добие колективен имунитет. Колективниот имунитет веројатно нема да се случи ниту пред да се појави вакцината на пазарот и да се примени, но факт е дека населението сега минува низ фаза на инфекција“.
Имунологот проф. Д-р Борислав Каменов објаснува за „Блиц“ дека теоретски, полуживотот на антителата е 21 ден, но дека тоа зависи од болеста и времетраењето на антителата, бидејќи се здобиваме со доживотен имунитет на некои болести, а не на други, што зависи од избраниот механизам за борба.
„Во ковид-19, клучот е неспецифичен имунитет, витамин Д, пробиотици и цинк. Децата го имаат овој неспецифичен имунитет и ретко се разболуваат или лесно се борат против вирусот. Кога станува збор за самите антитела, кај некои луѓе антителата траат пократко по болеста, кај некои траат подолго, тоа е некаде до три, пет месеци, можеби кај некои дури и подолго, сето тоа е индивидуално. Но, секако е очигледно дека ова не е примарен одбранбен механизам против вирусот, затоа што мора да прочитаме што ни кажува телото. Значи, сега кога дојде студеното време, потрошувачката на витамини е многу поголема затоа што повторно се активираат болести и тогаш се случува да се консумира витамин Д и луѓето да започнат да добиваат повеќе болести, па затоа дозата треба да се зголеми во споредба со порано“, советува професорот Каменов.
Извор: blic.rs