Ме поздрави дента кога го сместиле на Инфективна – Од корона почина д-р Драган Тасевски од Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 10/21/20 1:39 PM

Ме поздрави дента кога го сместиле на Инфективна – Од корона почина д-р Драган Тасевски од Куманово

Д-р Драган Тасевски, доктор специјалист вработен на Хируршкото одделение во Општата болница Куманово вчера починал од коронавирусот.

Информацијата ја потврди и директорката на установата во која тој беше вработен, Снежана Захариева, која вели дека пред десетина дена со сериозна бронхопневмонија бил испратен директно на Инфективната клинка во Скопје, а оттаму и во Систина.

– Се надевавме дека ќе ја добие битката со ковидот, но вчера добив информација дека е во исклучително тешка состојба. Пројавивме надеж дека можеби ќе се излечи од таа криза, но за жал попладнето ни стигна лоша вест дека починал колегата. Жал ми е изразувам сочувство до семејството, било кој да е вработен во институцијата за мене е навистина шок и трагедија ова што се случи, просто не верувавме кога ја добивме информацијата, изјави Захариева.

Како што вели таа, кумановската болница имала и веројатно ќе има нови заболени лекари и медицински персонал, со оглед на природата на професијата.

Од докторот на социјалните мрежи се простуваат неговите колеги, пациентите и кумановци.

– Од “неопасниот” вирус, јас би рекла од најнепредвидливиот вирус, вчера изгубивме колега од Кумановската болница, хирургот Д-Р Драган Тасевски. Нека му е лесна земјата, а со свои 60 години не беше за во земја…Колку се е релативно, денес сме тука, утре не сме. Вирусот е дефинитивно руски рулет. Нека почива во мир, тажно, навистина тажно….веројатно јас како паталец поинаку го доживувам вирусот…“, напиша на својот фејсбук профил докторката Гордана Николиќ од кумановската болница.

„Нека почива во мир Драган. Ми беше колега од групата на факултет. Често се сеќавам на неговите шеги. За жал вирусот не бира ни години, ни пол ни занимање. Сите сме подеднакво подложни на неговото уништувачко дејство.“
„Тажно, некој се уште мисли дека е играчка. Бог нека го прости Вашиот колега. Тоа е загуба за сите, оти персоналот гине, а пациентите се намножуваат.“
„Жално многу и штета! Колку неубави работи ми се случиле во животот и имам 60 години..и куп болести, но сепак човек на тие години се чувствува млад иако се живо и диво го боли, а духот е млад и мисли дека се уште којзнае колку долго ќе живее! Младите можеби не гледаат нас како стари, но треба да знаат дека ние сепак сме млади луѓе, неспремни за смрт! Сочувство до семејството. Жално за него, болно за неговите блиски, штета за здравствениот систем и за граѓаните како пациенти.“

„Ме поздрави дента кога го сместиле на Инфективна. Не можам да поверувам“.

Ова се само дел од коментарите на социјалните мрежи со кои се простуваат  од лекарот.

Во овој момент на Одделението за хирушки болести во болницата нема други позитивни, ниту пак со симптоми на болеста.

Инаку доктор Тасевски важеше за исклучително квалитетен кадар на кумановската хирургија со работно искуство од над 30 години.

Никола Ивановски