Првиот натпреварувачки ден од воведното коло во Лигата на Шампионите во добра мера ги исполни очекувањата на фудбалската јавност.
Двата дерби меча во оваа половина од групната фаза помеѓу ПСЖ и Манчестер Јунајтед и Челзи и Севиља, не понудија врвен квалитет, но понудија солиден фудбал земајќи ги предвид околностите на главните актери и фактот што сезоната практички сè уште е на стартот.
Парижаните уште еднаш немаа противоружје за Оле Гунар Солскјер. За разлика oд пред две сезони, овојпат загубија на домашен терен 1:2 во првиот меч во групата и со ништо не покажаа дека играа големо финале против Баерн Минхен во ЛШ пред три месеци. Норвешкиот стратег со веќе и вообичаената „гостинска тактика во дерби натпревар“, Алекс Телеш како дефанзивно крило со поддршка за Лук Шо и Скот МекТоминај и Фред во средниот ред, целосно го неутрализираше луксузниот напад на ПСЖ.
Англичаните во 23 минута го отворија дуелот со погодок од белата точка, по фаулот на одбранбениот фудбалер на домаќините над Ентони Марсијал. Стандардно сигурниот изведувач на „ѓаволите“ во првиот обид беше осуетен од Кејлор Навас, но судијата му даде уште една шанса на Португалецот бидејќи чуварот на мрежата на ПСЖ со едната нога стоеше понапред од предвиденото, пред да биде изведен ударот.
Почетокот на второто полувреме беше кобен за човекот кој го изнуди пеналот за водство за Јунајтед. На изведениот корнер Марсијал несмасно реагираше и топката ја испрати во мрежата на Давид Де Геа. Екипата на Томас Тухел ја презеде иницијатива во продолжението, но ниту во еден момент таа не беше искористена. Казната пристигна во 87 минута, кога по додавањето на резервистот Погба, Рашфорд си ослободи простор и хируршки прецизно шутираше за победа над фаворизираниот ПСЖ. Рашфорд и во победата во 1/8 финалето пред две години беше херојот на Јунајтед и истовремено „џелатот“ на парижани.
На „Стемфорд Бриџ“, преовладаа тактичките надмудрувања и стравот да не се прими гол и да не се биде поразен во првото коло. Френк Лампард со враќањето на Тиаго Силва и Едуар Менди значително ја зајакна одбраната како што може да се забележи и од конечниот резултат и се чини дека четворката Рис Џејмс, Тиаго Силва, Курт Зума и Бен Чилвел е онаа која на Лампард ќе му донесе мир во дефанзивната фаза. Но, колку што вчера функционираше одлично одбраната, толку средината и квалитетниот напад беа дисфункционални. Домаќините имаа блага иницијатива која до последниот свиреж на Давиде Маса не беше валоризирана. Челзи нула, Севиља нула, тренерите задоволни од крајниот исход. Втората двојка од групата Е ни донесе уште еден нерешен резултат помеѓу Рен и Краснодар. Гуираси од пенал во 56 минута му донесе водство на францускиот претставник, водство кое траеше само три минути додека Кристијан Рамирез не го постави конечниот резултат.
Во останатите дуели, Јувентус со двата гола на Алваро Мората го совлада Динамо Киев на гостувањето во украинската престолнина, Зенит изненадувачки загуби во Русија од Клуб Бриж со 1:2. Барселона очекувана го демолираше Ференцварош со 5:1, Меси, Фати, Кутињо, Педри и Дембеле се запишаа во листата на стрелците, а за Ференцварош од белата точка Игор Каратин постигна почесен погодок. Дефанзивецот на Каталонците Жерар Пике беше исклучен од игра во 68 минута. Лацио во Рим го порази Борусија Дортмунд со 3:1, Чиро Имобиле и екипата сепак изиграа на високо ниво и му нанесоа пораз на финалистот во Лигата на Шампионите од 2013 година. Во сенка на дербито на групата и колото, Лајпциг во Германија рутинирано изигра против Истанбул Башакшехир, совладувајќи го со 2:0. Некогашниот фудбалер на ПСВ и Сити, Анхелино, во првото полувреме со двата гола го сруши турскиот шампион.
На денешната програма, Реал Мадрид го дочекува Шахтјор, Салзбург на домашен терен ќе го угости Локомотив Москва, Ајакс и Ливерпул ќе ги вкрстат копјата во Амстердам, додека пак шампионот Баерн ќе се судри со Атлетико Мадрид. Интер-Борусија Менхенгладбал, Манчестер Сити-Порто, Митиланд-Аталанта и Олимпијакос-Олимпик Марсеј, ќе ги изиграат своите дебитантски натпревари во сезоната 2020/21 во најквалитетното светско клупско натпреварување.