Неколку месеци по уплатата на ратите за училишните екскурзии, родителите ниту ги испратија нивните деца на патување, ниту пак ги добија назад уплатените пари, откако следеше забрана за нивно одржување, како мерка против ширењето на корона вирусот. Засега никој не кажува решение, ниту како родителите ќе си ги вратат уплатените пари, особено за тие поскапите екскурзии. Дел од родителите искажаа револт од односот на туристичките агенции, кои преку тендер го добија организирањето на патувањата. Родител на ученик од деветто оделение од Штип реагира дека со прашањето кој треба да ги врати парите, се обратила до Министерството за образование, кое одговорило дека тоа е обврска на туристичките агенции, но, како што вели, не наишол на разбирање кај вработените во агенцијата.
-Од училиштето рекоа дојдете во септември. Кај благајникот отидов и директорот рече одете во ТА Црво експрес. Таму сопствениците одговорија, пари не даваме, се пожали родител.
По ваквите реакции, со видео порака до родителите, но и до институциите, со барање на помош во постигнување на решение, се обрати еден од сопствениците на ТА Црво експрес. Во пораката детално објаснуваат дека уплатените пари за екскурзиите веќе се уплатени до договорените дестинации. Тие пари не им се вратени назад и покрај откажувањето на екскурзиите, но дополнуваат дека сепак, парите не се изгубени.
– Парите одат за хотелите и претходно се платени. За да резервирате хотел треба да платите. За жал, не ни ги вратија парите ниту од Италија, ниту од Охрид, ниту од сите останати дестинации за кои имавме предвидено екскурзии во оваа година. Сите уплатени пари може да искористиме преку ваучери до август 2021 година. За жал, нашата влада не направи ништо за враќање на парите од хотелите кон туристичките агенции и од агенциите кон родителите, кои имаат уплатено за училишна екскурзија, соопштија од агенцијата Црво експрес од Штип.
Од оваа агенција велат дека очекуваат решение од Министерството за образование, од кое бараат одговор дали ќе се дозволи организирање на екскурзии. Според агенцијата, доколку не се дозволат екскурзии, ваучери за други патувања се опција за враќање на уплатените пари.
Проблемот со екскурзиите денеска беше поставен и пред министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа беше децидна, дека има законски пат по кој треба да постават агенциите, додека во проблемот треба да се вклучат и директорите на училиштата, кои се организатори на екскурзиите.
– Зошто агенциите не ги вратиле парите? Има уредби на Министерството за економија и сметам дека имаше препораки да се дадат ваучери кои што можат да се користат во наредниот период и тоа сигурно се случило. Но, јас повикувам директорите на училиштата, кои што се одговорни за организација на ексурзиите, да ги викнат родителите и да најдат заеднички јазик на кој начин тие пари што биле од минагтата година да им се вратат. Оваа година, екскурзии не се дозволени, изјави министерката Царовска.
Проблемот стои, во прашање се неколку стотина семејства од Штип на ученици од деветто одделение и од трета година средно училиште, кои ги планираа своите завршни екскурзии. Туристичките агенции остануваат на аргументите дека тие се едни од најголемите губитници во оваа здравствено економска криза и очекуваат олеснување од државата. Од друга страна, оштетени се семејствата, кои одвојувале од семејниот буџет за нивните деца да ги пратат на неодржаните екскурзии.
Фото:Антена Задар