Од утринските часови денеска, се случува голем помор на риби во неколку рибници на Тиквешкото Езеро. Според нашите информации најпогодени се компаниите „Златен крап“ и “Дошница“ кои одгледуваат крап во кафазен систем.
„Намалено е нивото на водата во Тиквешкото езеро, а тоа доведе до намалување на нивото на кислородот.Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата, како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се` уште неповолен“ вели сопственикот Ључе Танев.
Тој нагласува дека забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот. Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L
„Моментално штетата е околу десетина илјади евра или во количина околу 3.500 килограми. Количината на вкупниот рибник е 120 тони. Земени се примероци од угинатите риби за анализа“ додава Танев.
И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. До сега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70% од производството на сите производители.
Сопствениците со кои раговаравме информираат дека за проблемот веќе ја алармирале владата и министерството за земјоделство, а вчера увид извршил и ветеринарен инспектор. Биле земени мостри од водата од страна на ЦЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за Храна и Ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања.
Ангел Данов