Околу 1,3 милиони евра биле префрлени од фирма од Белизе на фирма ќерка во земјава во случајот со парцелите на Водно, за кој неодамна беше покрената истражна постапка. Во моментов се испитуваат сведоците, по што ќе биде извршено и вештачење. Потоа ќе треба да бидат испитани и обвинетите во случајот. Засега исказ има дадено само првообвинетиот Н.Г. кој е во бегство, а против кого во друг случај имаше и осудителна пресуда, рече Вилма Русковска, јавен обвинител за организиран криминал во телевизиско гостување.
Фирма од Белизе, рече таа, отворила фирма ќерка во Македонија, а второсомничениот Р.Н е назначен како управител на таа фирма.
-Околу 1,3 милиони евра биле префрлени од мајката фирма на Белизе на ќерката фирма овде. Знаеме на кој датум колку средства се префрлани, сомнителните трансакции банките треба да ги пријавуваат. Мислам дека од кипарска банка се стигнати парите, појсасни Русковска.
Таа додаде дека треба уште некои сведоци да бидат сослушани, по што предметот ќе оди на материјално-финансиско вештачење.
-Ограничени сме со времетраењето на притворот, на три месеци. Никој од осомничените не се испитани, прво тоа го правевме со сведоците. Добро за нас е што првоосомничениот кој е недостапен во државава е испитан затоа што има дадено исказ конкретно за перење пари, пред да пребегне, рече Русковска, коментирајќи ја новата истрага за „плацеви на Водно”.
Таа во емисијата говореше за натамошната борба против корупцијата и организираниот криминал и најави дека обвинителството во сите случаи каде има докази ќе покрене и истражни постапки и обвиненија. Побара и поддршка од граѓаните со тоа што ќе пријавуваат случаи на корупција.
Прашана до каде е случајот „Империја” обвинителката исткна дека се чека одговор од респектабилна институција дали ќе изврши вештачење, во кое, како што рече, никој подоцна не би можел да се посомнева или да го доведува во прашање.
-Станува збор за специфичен предмет и сакаме да го вештачат луѓе и институција со интегритет, за да утре никој не се посомнева во наодот на вештите лица, рече таа.
Во врска со предметот за организаторите за настаните од 27 април, обвинителката Русковска истакна дека следното рочиште е закажано 28 октомври. Очекува осудителна пресуда за сите кои се обвинети во случајот. Мислам, рече таа, дека имаме доволно докази во потекрепа на обвинението што го поднесовме.
МИА