Опозиционерите вечерва протестираа во седум градови: ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за политички прогон – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 7:32 PM

Опозиционерите вечерва протестираа во седум градови: ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за политички прогон

ВМРО-ДПМНЕ вечерва протестираше со движење на колона возила низ улиците на седум градови во државатам против, како што велат од партијата, криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот. Освен во Скопје, во исто време имаше протести и во Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип, Битола.

Дарко Костовски, пратеник во Собранието истакна дека вечерашниот протест во Скопје се одржува против „криминалот, против невидената корупција од огромни размери и исклучително против политичкиот прогон кој што се случува во Македонија”:

„Како што се вели во политичката наука, политичка репресија која се јавува кај политички неистомисленици т.е. се јавува спрема оние кои што немаат ист став со актуелната власт користејќи ги сите државни апарати, односно злоупотребувајќи ги. Она што сакам да го истакнам е дека ова е период на милионски тендери кои што Владата ги мести, меѓутоа се одвива рекет на сите можни нивоа, од високи бизнисмени, до локални гранапчиња во населените места, а народот верувајте нема ни за леб. Половина милион жители во Република Македонија живеат со само 130 денари дневно , додека 25 илјади жители во Македонија живеат со минимални само 44 денари дневно, додека луѓето од власта енормно се богатат“.

Костовски изјави дека „овој политички прогон”, кој според него, случува поради немоќта на власта, мора веднаш да запре.

„Таа е исплашена дека за многу скоро ќе дојде тој ден кога ќе се соочи лице во лице со чистата и јасна правда, меѓутоа ова што му го прават на македонскиот народ, тој нема да го заборави и ќе го казни час поскоро“, истакна Косотвски.