Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ги додели плакетите на трите најдобро рангирани компании во нашата држава согласно Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа за 2020 година.
Изборот беше во организација на националниот Совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Согласно резултатите од работата на комисиите и оценувањето, добитници на признанијата оваа година се компаниите: ГД Гранит АД – Скопје, Млекара АД – Битола и Макстил АД – Скопје.
При доделувањето на признанијата, министерката Шахпаска ја истакна исклучителната важност на безбедноста и здравјето при работа, на креирањето и успешната имплементација на политики и системи на безбедност и здравје на работното место, културата на превенција, како теми и области кои се од особено значење и кои се несомнено мошне актуелни, како во нашата држава, така и пошироко.