Во Неготино презентирана кампањата „На секое дете му треба семејство” – ММС
ММС

Објавено на: 07/4/18 6:16 PM

Во Неготино презентирана кампањата „На секое дете му треба семејство”

Обезбедување на доволен број згрижувачки семејства способни да се грижат за деца на кои им е потребна привремена грижа, за да нема ниту едно дете во голема институција –  цел на националната кампања „На секое дете му треба семејство”, која беше промовирана во Неготино. Претставникот на Уницеф во Македонија, Бенџамин Перкс информира дека кампањата има за цел до 2020 година да нема ниту едно дете до три години, кое би живеело надвор од семејство.

Елка Тодорова од ресорното Министерство рече дека се работи за деца кои се напуштени по разни начини или пак се одземени од нивните родители:

„Добро е секој град да има згрижувачко семејство, затоа што за тие деца е најдобро да останат таму, од каде што потекнуваат. Македонија има традиција во ваквото згрижување. Тоа функционира уште од 1961 година, кога се појавија првите згрижувачки семејства во Скопје, кои и по триесет години ја извршуваа оваа функција. Но, немаме доволно згрижувачки семејства во сите делови на Македонија. Затоа е и оваа кампања“.

Поддршка за проектот даде и градоначалникот на Неготино, Тони Делков и изрази надеж дека и во Центарот за социјални работи, ќе се пријават заинтересирани семејства за згрижување на деца без семејства.

Љубовта и поддршката на семејната средина, домот за деца без родителска грижа, колку и да е добро опремен и колку да има најдобри услови, никогаш не може да го овозможи тоа зашто детето само во семејна средина може да чувствува љубов – беше речено на трибината.

 

Билјана Тошевски