Бројот на позитивни расте, нема термини за тестирање во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 2:39 PM

Бројот на позитивни расте, нема термини за тестирање во Кавадарци

Бројките на ковид позитивни секојдневно растат како во Тиквешијата, така и во земјава. Состојбата по се изгледа е надвор од контрола, алармираат матични лекари од Кавадарци.

„Од петокот се потполнети сите термини за ковид тестови во Кавадарци. Секојдневно се јавуваат нови пациенти кои ги имаат основните симптоми на корона вирусот, но мора да чекаат по неколку дена термин за тестирање на терет на ФЗОМ. Во петокот за триесетина минути се исполнија термините за цела недела за тестирање. Никој не сака да се тестира на приватно. Исто така загрижува и фактот дека многу од овие пациенти кои имаат симптоми, а не се тестирани,  слободно се шетаат и дополнително го шират вирусот. Се почесто се прикриваат контактите кои ги имале веќе дијагностицираните позитивни, а со тоа се остава можност вирусот да се шири што повеќе“ објаснуваат лекарите.

Тие се жалат и на неискрен однос на поедини пациенти кои ги прикриваат симптомите,  карактеристични за ковид 19 и создаваат висок ризик за ширење на вирусот при нивно доаѓање во ординациите. Исто така апелираат до пациентите,  без потреба од лекарски преглед да не доаѓаат во ординација, бидејќи се изложуваат на дополнителен ризик.

Лекарите се децидни дека со ваков однос можно е да настане вистинска хаварија во здравствениот систем.

Од центарот за јавно здравје во Кавадарци појаснуваат дека дневно се земаат по 30 бриса и додаваат дека се поголема е потребата од тестирање на пациенти кои имаат симптоми.

Во Кавадарци често се одржуваат и семејни прослави со голем број на гости. По социјалните мрежи кавадарчани коментираат дека многу нивни пријатели, за кои знаат дека се позитивни слободно се шетаат низ градот и во угостителските објекти. Имало случаи сигурни контакти на веќе позитивни да се појавуваат на работните места.

Денеска се дијагностицирани пет нови случаи во Тиквешијата. Четири во Кавадарци и еден во Неготино. Сите се со симптоми на вирусот, а се на возраст од 35 до 59 години.

Ангел Данов