Утврдени се нови правила за дебатата во живо, што вечерта на 22 октомври ќе се одржи меѓу републиканскиот кандидат и актуелен претседател на САД, Доналд Трамп, и кандидатот за претседател од редот на демократите, Џо Бајден, јавува агенцијата Анадолија (АА).
По првата телевизиска дебатна емисија во живо меѓу Трамп и Бајден одржана на 29 септември, кога и двајцата кандидати предизвикаа непријатни моменти прекинувајќи се меѓусебно во разговорот и прекинувајќи го модераторот во текот на програмата, Комисијата за претседателски дебати соопшти дека се воведени нови правила за дебатата закажана за 22 октомври.
Според новите правила, дебатата што ќе трае 90 минути ќе биде поделена на 15-минутни сегменти и ќе се состои од 6 теми.
По презентацијата на секоја тема, кандидатите ќе имаат 2-минутно обраќање како нивен вовед во темата, а во тој период, микрофонот на другиот кандидат ќе биде исклучен.
Покрај тоа, 15-минутните сегменти ќе продолжат со меѓусебно дебатирање, а доколку во преостанатото време кандидатите меѓусебно си упаднат во збор или интервенираат непотребно, тогаш на кандидатот чие време било узурпирано ќе му биде надополнето времето што му е узурпирано.
Првата телевизиска претседателска дебата, која преку ТВ-екраните допре до широките народни маси, се одржа во 1960 година меѓу кандидатот на Републиканската партија, тогашниот заменик-претседател на САД, Ричард Никсон, и кандидатот на Демократската партија, сенаторот Џон Ф. Кенеди.
Републиканската и Демократската партија во 1976 година ја формираа Комисијата за претседателски дебати што ќе ги организира претседателските дебати, ќе го одредува форматот на емисијата и ќе одлучи на кој медиумски канал ќе се емитува дебатата.
Комисијата, која своите приходи ги остварува од независни донатори и радиодифузната такса што ја добива од медиумските дифузери, го одредува форматот и основните правила на дебатите.
Трамп и Бајден на 29 септември ја одржаа првата телевизиска дебата на Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“ во градот Кливленд, во американската сојузна држава Охајо.
Втората дебатна емисија во живо беше планирана за 15 октомври, но откако претседателот Трамп се зарази со Ковид-19 започнаа дискусии во врска со неговото пренесување во болница, по што Трамп поради обврзувачкиот карантин од најмалку 10 дена се фокусираше како да се однесува на втората дебатна емисија.
Во тој период Комисијата за претседателски дебати предложи „втората дебата да се одржи во виртуелно опкружување“. Штабот на Трамп не го прифати предлогот, а страната на Бајден соопшти дека е против дебата со физичко присуство. Комисијата на 9 октомври даде писмено соопштение во кое информира дека втората претседателска дебата во живо нема да се одржи на 15 октомври.
По оваа одлука, Трамп на 15 октомври, гостувајќи на телевизискиот канал „Ен-би-си“ (NBC) одговораше на прашањата на гледачите, а Бајден го направи тоа како гостин на телевизискиот канал „Еј-би-си“ (ABC).
По последниот развој на настаните, третата (всушност втората) и последна телевизиска дебата меѓу претседателските кандидати ќе се одржи во американскиот град Нешвил во сојузната држава Тенеси на 22 октомври.