Убиецот на шведска новинарка, по тричасовно бегство, вратен во затворот во Данска – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/20 2:23 PM

Убиецот на шведска новинарка, по тричасовно бегство, вратен во затворот во Данска

Питер Мадсен (49) од Данска, кој уби шведска новинарка за време на интервју во неговата подморница и го фрлил нејзиното распарчено тело, денеска избегал од затворот Херстедвестер во Данска, каде што ја издржуваше доживотна казна затвор за убиството на новинарката Ким Вал во 2017 година. Но, по три часа бегство, данската полиција успеа да го фати и да го врати во затвор.

Локалните медиуми пишуваат дека се одвивала вистинска драма, при што Мадсен се заканувал со  рачна бомба, па на местото на настанот биле присутни и припадници на специјалните дански единици.

Агенциите пренесуваат дека убиецот веќе бил во изолација во затворот, бидејќи постоеле индикации дека се подготвува за бегство.

Во април 2018 година, дански суд го осуди иноваторот Мадсен на доживотна казна затвор за убиството и сексуалниот напад на новинарката Вал, чии делови од телото беа пронајдени во водите близу  главниот град на Данска, Копенхаген. Вал беше пријавена за исчезната по посетата на неговата подморница. Тогаш Мадсен тврдеше дека смртта на Ким Вал била несреќен случај, но потоа признал оти го распарчил нејзиното тело и дека ги фрлил остатоците ноќта меѓу 10 и 11 август 2017 година.