Министерството за внатрешни работи кое го води Оливер Спасовски со притисоци и заплашувања изнудува доброволни согласности на припадниците на полицијата да бидат прераспределувани на други позиции кои се за неколку нивоа подолу во хиерархијата – обвини денеска опозициската ВМРО ДПМНЕ. Според информациите до кои дошла партијата, МВР се повикува на член на законот кој не го регулира прераспоредувањето на работниците, туку ја регулира нивната обука.
Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ тврди дека оние полициски службеници кои не ја прифаќаат таквата понуда, добиваат закани со откази:
„Спасовски надвор од законите и системот на кариера инсталира партиска полиција која треба да биде во коалиција со криминалот на оваа власт и да ги штити нив од незадоволството на народот, на сметка на компетентноста и способноста на кадри кои со години придонесувале за градење на угледот на институцијата и безбедноста на нашите граѓани“, изјави Ѓорѓиевски на денешната прес конференција, потенцирајќи дека освен во секторите за внатрешни работи, деградација има и во специјалните единици.
„Пред неполни месец дена лажеа дека не се подготвува чистка во специјалните единици, а сега ја манипулираат јавноста дека тоа било согласно потребите на службата. Десетици обучени специјалци се прераспоредени на позиции на кои не се неопходни нивните вештини. Обуката за секој од нив чини десетици илјади евра, а сега Спасовски и СДСМ го отфрлаат сето она што е инвестирано во овие професионалци изминатите години. Тоа се луѓе кои имаат непроценливо искуство и кои учествувале во бројни акции како „Планинска бура“ или „Диво Насеље“ и за безбедноста на Република Македонија го ризикувале и сопствениот живот“, додаде тој.
Од СДСМ на обвинувањата реагираа со писмено соопштение во кое се децидни дека полицијата е професионална и дека ги заштитува граѓаните. Обвинувањата од политчките опоненти ги отфрлаат како лажни и тврдат дека процедурите за распоредување се согласни со Законот за внатрешни работи.
На ова, ВМРО ДПМНЕ се надоврза со соопштение во кое оценува дека тоа што реакцијата доаѓа од СДСМ, а не од МВР доволно говори за мотивите за незаконските смени и прераспоредувања.