Нема застој во откупот на лубениците, тврди Николовски – опозицијата обвинува дека тој лаже – ММС
ММС

Објавено на: 07/4/18 2:23 PM

Нема застој во откупот на лубениците, тврди Николовски – опозицијата обвинува дека тој лаже

Нема застој во откупот на лубениците и другите земјоделски производи – тврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Тој тврди дека  дневно се преземаат и  по 500 тони. Николовски денеска информираше и дека се планира откуп на околу 12 000 тони пченица за да се стабилизира цената, а оваа одлука била донесена по средбите со земјоделците и мелничарите пред почетокот на сезоната.

„Очекувам постојано да се зголемува цената на пченицата пред откупот. Министерството не може да објави цени во делот на производствените трошоци“, потенцираше ресорниот министер, кој и денеска беше обвинет од опозицијата дека ги лаже земјоделците.

ВМРО ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагираше дека Николовски нема капацитет да го води министерството, но и дека земјоделците се понижени.

„Тој  не гледа проблем ни кога цената на бостанот се движи од 2-3 денари кога се враќаат пратки со домати од странство, заради карантински болести, а на повидок е повторно враќање на голема количина со праски. Уште една голема лага се дополнителните средства за доматите кои ќе се носат на преработка во преработувачките капацитети ако се знае дека голем дел од нив почнуваат со работа кон крајот на август и почетокот на септември. Николовски има амнезија и за ветувањата кои им ги има дадено на земјоделците. Тој вети дека 15 дена пред откупот ќе ги објавува и ќе ги гарантирате откупните цени и на откупувачите и на производителите“, се додава во партиското соопштение.