ВМРО-ДПМНЕ чека одговор од власта за лидерска – ММС
ММС

Објавено на: 10/18/20 1:22 PM

ВМРО-ДПМНЕ чека одговор од власта за лидерска

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денеска соопшти дека се уште нема никаков одговор од власта за евентуално одржување лидерска средба по повикот што вчера јавно го упати нивниот лидер Христијан Мицкоски.

-До моментот кога се одржува оваа прес-конференција нема никаква, ама буквално никаква комуникација да прифати власта лидерска средба, како што спомена и вчера Претседателот е неопходна за се ова што се случува во државата. Бидејќи целата ситуација, економска, политичка, здравствена, на надворешен план е се премногу важно, а како што гледаме се оди во надолна линија. Затоа ги охрабруваме уште еднаш, иако јавно покажуваат дека се арогантни, сметаме дека треба да се охрабрат и да прифатат една лидерска средба каде што ќе се говори отворено на сите прашања, вклучително и запознавање на јавноста со сите прашања, рече Арсовски.

Според него, владините функционери кои преговараат со Бугарија, посебно Димитров, се фокусираат на македонскиот јазик.

-Ако ги погледнеме изјавите, конкретно на Никола Димитров кој претходно беше министер за надворешни, но и на сегашниот министер за надворешни работи, се фокусираат на македонскиот јазик. Каде е тука историјата и идентитетот, никаде не ги спомнуваат. Сериозно треба да излезат и на јавноста да и одговорат за сите овие прашања кои се поставени како ултиматум од владата во Бугарија, но и кои се нивните црвени линии. За ВМРО-ДПМНЕ во однос на црвените линии, бидејќи се фокусираат на една точка и никаде не ги споменуваат идентитетот и историјата, односно не гарантираат дека со овој Договор ќе бидат заштитени, еве би го прашал конкретно господинот Димитров, бидејќи неговиот татко е роден пред 1945-та година, дали тој ќе прифати неговиот татко да не биде Македонец, бидејќи сега живее во Македонија се декларира како Македонец, но со Договорот, како што можеме да видеме дека се фокусираат само на јазикот, дали господинот Димитров може да прифати дека неговиот татко може да биде нешто друго, освен Македонец, рече Арсовски.

Нашиот идентитет, додаде, се темели на настаните пред 1945 година, кога македонскиот народ се борел за независна држава.

-За овие прашања треба да говори и Владата на Република Македонија каде што ќе и ги каже јавно на граѓаните сите позиции и се она за што се преговара и што се договора за Договорот кој што треба да биде потпишан помеѓу двете држави, напомена Арсовски.

Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно повика на лидерска средба на која, освен за разговорите со Бугарија, би се разговарало и за пописот, економијата, образованието. Мицкоски останува на ставот дека меѓу земјава и нашиот источен сосед е разговарано за нов договор кој, како што рече, ќе биде сличен на Преспанскиот и ќе опфаќа уставни измени.