На последното судско рочиште за Фени кое се одржа на 20 јуни и на кое требаше да се донесе одлуката за прифаќање на планот за реорганизација беше одложено за денес, каде вработените очекуваат да се заврши стечајната постапка, а со тоа и неизвесноста околу иднината на комбинатот. Душко Николовски, претсeдател на синдикатот на вработените во Фени, вели дека денес очекуваат да му се стави крај на стечајот, поминале еден многу тежок период но денес очекуваат да биде ден за славење и победа на работникот, ликвидација нема да дозволат и бараат од судот како и досега да го заштити работникот.
Инаку со исплатата на побарувањата кон доверителите на Фени Индустри, така се губи интересот на компаниите кон кавадаречкиот комбинат. Од листата доверители, информираат од таму, со исплатување на вкупните побарувања излезе и бугарската компанија Енекод, откако и таа го продаде своето побарување на Еуроникел, подружница на швајцарски ГСОЛ.
До скоро време, пред да им бидат исплатени побарувањата, Енекод пројавуваше интерес да го преземе Фени. Уште пред да се објави стечајот, тие се „самопрогласија“ за сопственици, но кога од трите банки доверители им беше даден услов да се платат платите на вработените, Енекод со писмо ги извести банките дека не се во можност да ја направат исплатата.
На последното Собрание на доверители, Енекод заедно со другата бугарска компанија Минстрој побараа отфрлање на планот за реорганизација, сопирање на стечајот и впаричување на имотот на Фени. Исто така, сопственоста на Енекод е поврзана и со Минстрој, бугарската компанија која спротивно на законот и правните процедури, се уште бара да се запре целиот процес за рестартирање на Фени и да се ликвидира, нешто на што остро се спротивставуваат вработените на Фени, а експертите велат дека ликвидацијата е најлошото што може да му се направи на Фени и сите што зависат од кавадаречкиот комбинат, информираа од Еуроникел.
Во моментов, најголем инвеститор во Фени Индустри останува ГСОЛ со своето локално претставништво ЕуроНикел кој со отворањето на стечајната постапка ги откупи сите побарувања и стана единствен доверител. Исто така, оваа компанија стана и закупец на комбинатот во периодот додека да се оконча стечајната постапка со цел да се спречи понатамошно напластување на долговите и Фени побрзо да се врати во производство.
Вчера ЕуроНикел писмено ја информира Слаѓана Тасева дека ќе поднесе тужба против ТранспаренсиИнтернешнл и нејзе лично, за клевета откако тие побараа јавно повлекување на изјавата дадена на 25 април, оваа година и извинување за изнесената клевета, но не добиле одговор.
Билјана Тошевски