Џонсон: ЕУ мора да направи фундаментални промени во преговорите за Брегзит – ММС
ММС

Објавено на: 10/16/20 1:41 PM

Џонсон: ЕУ мора да направи фундаментални промени во преговорите за Брегзит

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Велика Британија мора да се подготви за прекин со Европската унија без договор, освен ако не дојде до „фундаментална“ промена на ставот од европскиот блок.

Џонсон вели дека ЕУ одбива да и дозволи на Велика Британија трговски договор каков што има со Канада, што Велика Британија го бара.

Ова е неговиот одговор до европските лидери кои на самитот во Брисел рекоа дека Велика Британија треба да ги промени своите позиции за да се постигне договор.

Велика Британија претходно се закануваше дека ќе се откаже од преговорите доколку не биде постигнат договор на Европскиот самит, кој завршува денес.

Џонсон денес не отиде толку далеку, но рече дека се чини дека ЕУ „се откажала“ од идејата за постигнување договор. Тој рече дека Велика Британија ќе слуша ако има „фундаментална промена на пристапот“ од Брисел.

Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, но остана дел од економските структури на Унијата до 31 декември. По тој преоден рок, потребно е да се склучи нов трговски договор или, според Светската трговска организација, ќе започнат да се применуваат општите економски тарифи со ЕУ.

Преземено од: http://rs.n1info.com/