Сашо Мијалков имал Ковид-19, одложено судењето за „Таргет-Тврдина“ за 3 ноември – ММС
ММС

Објавено на: 10/16/20 10:29 AM

Сашо Мијалков имал Ковид-19, одложено судењето за „Таргет-Тврдина“ за 3 ноември

Судењето за незаконско следење на комуникациите „Таргет-Тврдина” се одложува за 3 ноември, поради отсуство на обвинетиот Сашо Мијалков, кој е позитивен на корона вирус.

Судот информираше дека, според доставениот допис, обвинетиот 10 до 15 дена нема да може да се појави на судско рочиште.

На рочиштето пред два дена, кое, исто така, се одложи, адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски го извести судот дека Мијалков развил симптоми на КОВИД-19 и ќе се тестира, откако неговата сопруга добила позитивен тест.

До судот, бранителот на Мијалков, го достави позитивниот тест и издадената терапија.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

МИА