Иако слепите лица треба да имаат непречен пристап до правата како сите останати во општеството, тие сé уште се на маргините, честопати дискриминирани и стигматизирани. Државата има обврска да им овозможи слободно и безбедно да се движат, образуваат, работат и да имаат исполнет и независен живот, апелира Народниот правобранител.
По повод одбележувањето на 15 Октомври – Меѓународниот ден на Белиот стап – симболот на слепите лица, Народниот правобранител укажува на потребата од подигање на јавната свест за правата на овие лица и за континуирани заложби на органите за нивно целосно учество и придонес во општеството.
-Предизвиците со кои секојдневно се соочуваат овие граѓани не се надминати. Независното живеење, пристапот до просторна околина, транспорт, информации, комуникации и други услуги и капацитети во урбаните и руралните средини се само дел од правата кои слепите и слабовидните лица треба непречно да ги уживаат, а кои реално не им се овозможени. Следствено, имајќи ја предвид важноста од непречен пристап до информации, како и до нови информатички и комуникациски технологии и системи, Народниот правобранител ги потсетува надлежните органи дека треба да им се обезбедат и соодветни облици на помош и поддршка на овие лица, меѓу кои и користење на Брајовото писмо, наведува Народниот правобранител.
Воедно апелира и до Собранието на Република Северна Македонија што поскоро да го ратификува Договорот од Маракеш, со што ќе се обезбеди правна рамка преку која ќе се уреди достапноста до литература и печат во пристапен формат за лицата со оштетен вид (слепите и слабовидните лица), со што ќе се овозможи овие лица да го остварат правото на личен избор при селекција на литературни дела, да напредуваат во образованието на сите нивоа, нивно усовршување и доквалификација, како и остварување на правото на вработување на секое ниво на општеството.
МИА