Неколку балкански земји, како Македонија (445), Хрватска (748), Словенија (707), вчера регистрираа рекорди на новозаразени со коронавирус за 24 часа, па се најавени или воведени нови анти-корона мерки. Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека во Словенија од денеска ќе стапат во сила заострени мерки против ширење на коронавирусот, кои вклучуваат учење на далечина, забрана за движење меѓу регионите, ограничувања на собири и задолжително носење маски на отворено во регионите кои се на „црвената листа“. А, од 12 словенечки региони – седум се на таа листа.
Така, учениците од петто и од повисоките одделенија од основното училиште ќе учат на далечина барем до есенскиот распуст, кој започнува во последната недела од октомври, кога ќе се преразгледа ситуацијата, пренесуваат словенечките медиуму.
Јанша рече дека мерката ќе важи и за средните училишта и ги повика факултетите да работат што е можно повеќе преку Интернет.
Во регионите од „црвената листа“ воведена е обврска за носење маски на отворено, а некои активности, како што се спортски настани, ќе бидат откажани. Станува збор за регионите Централна Словенија, Горењска, Корошка, Засавје, Посавје, Савиња и Југоисточна Словенија.