Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска изјави дека се согласува со ставот на Амбасадорскиот совет дека Министерството за надворешни работи ги нема искористено најдобрите ресурси по однос на предложените кандидати за амбасадори во најмалку од половина од земјите каде што сега ќе се упатуваат амбасадори.
Милошоски ја даде изјавата по одржаното второ продолжение на собраниската Комисија за надворешна политика на која четворица амбасадори ги претставија своите тези за настап како идни амбасадори на Македонија во земјите во коишто ќе бидат упатени. Тој посочува дека досега се поминати постапки за осум амбасадори и оти Комисијата работи по скратено време заради протоколите коишто постојат за работа во затворени простории.
–. Прво, флоскулата дека ако си професионален дипломат, односно вработен во МНР дека по автоматизам си соодветен и добар за амбасадор не мора секогаш да е точно. Според мене, најмалку половина од предложените амбасадори имаат многу подобри и поквалитетни свои колеги коишто би можеле да бидат подобри на тие амбасадорски позиции. Затоа ценам дека ставот на Амбасадорскиот совет е точен, за жал, МНР ги нема искористено најдобрите ресурси по однос на предложените кандидати за амбасадори во најмалку од половина од земјите каде што сега ќе се упатуваат амбасадори, рече Милошоски во одговор на новинарско прашање.
Тој со забелешка до Владата дека се уште нема договор за кандидати за амбасадори во клучните дипломатски места во светот.
-И втората забелешка е што се уште државата и покрај тоа што имаме старо-нова влада нема договор, нема кандидат, а далеку сме и од упатување на амбасадори во клучните дипломатски места во светот – Вашингтон, ООН, Пекинг, Москва, Рим и многу други земји и сметам дека тоа е навистина голем пропуст. Укажавме на тоа и минатиот пат. Ја користам оваа прилика да апелирам и сега, бидејќи ООН, Пекинг, Вашингтон, Москва, Рим се дел од клучните позиции во светската дипломатија, изјави Милошоски..
Тој се надева дека следната недела на Комисијата за надворешни работи ќе продолжи постапката и за следните номинирани амбасадори.
МИА