Хет-трикот на ланскиот финалист во Лигата на Шампионите со тимот на ПСЖ, не само што му обезбеди на Бразил гостинска победа над Перу во квалификациите за Светското првенство, туку на Нејмар му донесе и еден личен завидувачки рекорд.
Тој се изедначи на вечната листа на најдобрите стрелци на „кариоките“ и со 62 гола го дели второто место заедно со веќе пензионираниот легендарен напаѓач на Реал Мадрид, Интер и ПСВ, Роналдо. Нејмар во повеќе наврати има истакнато дека Роналдо е неговиот идол и поради тоа доаѓањето „рамо до рамо“ со него на оваа листа за него има посебно значење.
-Со головите на некој начин му оддадов почит на Роналдо. Тој е мој идол и идол на сите Бразилци. Многу сум среќен и ќе се обидам да бидам прв на листата на стрелци за Бразил, изјави Нејмар непосредно по завршувањето на натпреварот.
На вечната листа на најтрофејната фудбалска репрезентација на светот, цврсто местото го држи Пеле со 77 голови. Но, годините и желбата кај Нејмар се клучни во намерата да се симне од тронот иконата на фудбалската игра.