Поројните дождови урнаа ѕид во Индија: Деветмина загинати – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/20 12:47 PM

Поројните дождови урнаа ѕид во Индија: Деветмина загинати

Поројните монсунски врнежи од дожд во индиската држава Телангана, сместена во јужниот дел од земјата, предизвикаа рушење на ѕид под чии урнатини животот го загубија 9 лица, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Според вестите објавени во индиските медиуми, во Хајдерабад, главниот град на индиската држава Телангана, во јужниот дел од земјата синоќа започнале монсунските врнежи.

Поројните врнежи срушиле ѕид од една фарма што се урнал врз неколку куќи што се наоѓале во близина.

Под урнатините животот го загубија 9 лица, меѓу кои и едно двомесечно бебе, а 4 лица се повредени.

Поројните врнежи од дожд и предизвиканите поплави во Хајдерабад негативно влијаеја врз животот.

Поплавата што го зафати градот ги влечеше возилата по улиците, поплавени се домови и работни простории, а во некои подрачја сообраќајот е запрен.

Во исто време, поради високото ниво на водата на браната „Химајат Сагар“ кај Хајдерабад, во доцните вечерни часови отворени се дел од портите на браната.

Последните 3 дена најмалку 14 подрачја во државата Телангана се зафатени од поројни врнежи, а во последните 2 дена вкупно 12 лица ги загубија животите.

Покрај Телангана, и државите Андра Прадеш и Одиша во последните неколку дена се зафатени од поројни врнежи од дожд.

Во земјите од Јужна Азија од почетокот на годината досега повеќе од 9,6 милиони лица се погодени од поплави, а повеќе стотици илјади лица имаат потешкотии во пристапот до храна и лекови.

Во монсунските дождови, што од јуни досега се активни во Индија, Бангладеш и Непал, животот го загубија приближно 550 лица, а повеќе милиони лица се евакуирани од своите домови.

Минатата година, во периодот јуни – септември поројните монсунски дождови беа причина за смртта на околу 2.400 лица.

Монсунските дождови, коишто во периодот јуни – септември се активни во Јужна Азија, секоја година предизвикуваат огромни природни катастрофи и несреќи.