Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска, на денешната прес-конференција категорично рече дека инспекторите немаат надлежност да влегуваат во приватни објекти.
– Ниту еден инспектор нема надлежност да влегува во приватни објекти, така што нема да можат да ги контролираат барем онака како што сега се законските прописи, одговори Филиповска – Грашкоска на прашање дали можат да влезат во приватни вили кои се изнајмуваат за организирање свадби, бидејќи се почесто гледаме вакви приватни веселби.
Директорот на ДПИ, Стојко Пауновски, потенцираше дека немаат доволно инспектори, но максимално се искористени капацитетите кои ги имаат.
– Се што е инспектор со звање советник инспектор и помлад инспектор го користиме за излегување на терен и дење и ноќе. Максимално се трудат и инспекторите и администрацијата. Не е точно дека одиме само по најави и пост-фестум, инспекторите на лице место констатираат, гледаат и запишуваат, што значи дека ниту еден записник и решение не е направено пост-фестум. Дојавите ги користиме само за да ги упатиме инспекторите на право место, рече Пауновски.
Тој истакна дека тие побарале вработување на 20 нови инспектори, но министерството за финансии не им дозволило бидејќи „требало да се заштеди“.