Поранешниот министер за Информатичко општество и администрација и висок функционер во СДСМ, Дамјан Манчевски, денеска објави повлекување од политиката.
Тој на својот фејсбук профил вели дека се повлекол од сите јавни функции, а ваквата одлука е бидејќи решил да се посвети повторно на својата професија и прифатил ангажман во приватниот сектор кој е неспоив со било каков политички ангажман.
– Професионално во политиката влегов кога беше најтешко, во 2015 година. Срушивме режим на мирен начин, земјата е членка на НАТО, отворен ни е патот кон членство во ЕУ, ја вративме слободата и демократијата, платите растат… Не беше лесно. Многу преживеавме заедно. Но, денес Северна Македонија е на вистинскиот пат и следат уште подобри времиња. Оваа моја одлука нема никаква врска со било која состојба во политиката. Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор, пишува Манчевски.
https://www.facebook.com/damjan.manchevski.3/posts/3483658495003519
Тој вели дека ова е емотивна одлука, поради сите другари и другари кои му станале браќа и сестри по крв.
-Нашата приказна е за холивуско сценарио во неколку продолженија. Но, токму заради нив можеби и ја донесов оваа одлука. Затоа што знам дека Зоран, Радмила, Оливер, Љупчо, Мила, Муки, Коста, Никола, Фатмир, Јовче, Петре, Бајдо, Роберт, Марјан, Дуле, Бојан, Сања, Јагода, Благој и сите други ќе ми обезбедат да имам нормална работа во нормална држава.Дозволете да се заблагодарам на сите со кои работев заедно. Многу се. За се она што го жртвуваа и дадоа. Да се заблагодарам на моето семејство за се што издржа и претрпи заради мене. Да не беа тие, немаше да ме биде ни мене, вели Манчевски.
-Но, особено сакам јавно да се заблагодарам на двајца.
1. Зоран Заев. Тој не е човек, тој е човечиште. Да му се заблагодарам за храброста, вербата и посветеноста. Да му се заблагодарам за жртвата. Да му се заблагодарам што бев дел од историјата која ја создадовме. За довербата што секојдневно ми ја дава, уште од кога ме покани да му бидам шеф на кабинетот во партијата во 2008 година. Но, највеќе од се за неизмерното другарство.
2. Радмила Шекеринска Јанковска. Уште кога имав 18 години, ме воведе и ми даде шанса во политиката. Цело време, а и ден денес, ми е пример за принципиелност и работливост. Пример за борец, кој не се предава и никогаш не ги става личните интереси во прв план, пишува Манчевски.