Бербата е при крај, лозарите оставаат зад себе тешка сезона – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/20 8:56 AM

Бербата е при крај, лозарите оставаат зад себе тешка сезона

Бербата на грозјето во Тиквешијата е при сам крај. Лозарите оваа година се соочија со многу предизвици. Стартуваа со тешки проблеми во врска заштитата на виновата лоза од болести и штетници. Се бореа со болестите се’ до самиот крај. Поради неповолните временски услови, имаа намален квалитет на грозјето, со ниска шеќерност,  а тоа визбите го искористија да ја урат откупната цена. Се’ до самиот крај, пласманот на произведеното грозје беше неизвесен. Државата годинава издвои значителни средства за да ја ублажи кризата во лозарството.

Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа викендов ја посети Тиквешијата, како што рече, за да ја согледа состојбата со откупот на самиот крај. Најави дека веднаш ќе се започнело со формирање комитет на лозари и винари,  за полесно изнаоѓање на решенија во секторот.

„ Иако оваа година, беше една од полошите години во лозарско–винарската индустрија, сепак успеавме со мерките на Владата да им излеземе во пресрет на лозаропроизводителите и да го ублажиме ударот кој го предизвика Ковид кризата и нарушениот пазар на вино. За мерките и ангажирањето на Владата добивме пофалби од страна на земјоделското здружение “Напредни лозари” со кого заеднички работевме од почеток на откупот.  Само партнерски однос помеѓу лозарите, винарниците и државата може да има конкретни и долгорочни решенија за сигурен откуп. Ќе работиме во таа насока и во иднина“, рече министерот за земјоделство.

Од здружението „Напредни лозари“ се лути на некои визби кои, како што велат, им ја урнале цената им го проблематизирале откуптот.

„Некои винарници навистина ни нанесоа голема штета. Една од тие винарии е и ’Тиквеш’. Имаше мал откуп на грозје, а понуди катастрофална цена. Тоа нас лозарите многу не’ болеше. Ни’ го урна цел пазар. Благодарни сме на Владата што ги издвои парите како субвенција, но многу подобро ќе беше визбите да ја платеа вистинската цена, а помошта од државата да беше дополнителна“, изјави претседателот на здружението „Напредни лозари“.

Годинава грозјето со пониска шеќерност визбите кои го откупуваа го плаќаа околу четири денари, а за него државата издвои дополнителни четири денари субвенција од Ковид-програмата. Ова грозје ќе се преработи во дестилат.

Ангел Данов