Во Италија уапсен дилер кој го обезбедил оружјето за нападот во Куманово? – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/18 9:32 AM

Во Италија уапсен дилер кој го обезбедил оружјето за нападот во Куманово?

Меѓу десетте лица уапсени во Италија осомничени за шверц на мигранти, се наоѓа и Фатмир Љатифи кој, според сознанија на италијанската полиција, бил вмешан и во терористичкиот напад во Куманово во 2015 година.

Десет луѓе се уапсени во Италија поради шверц на мигранти од Балканот кон Швајцарија и шверц на оружје, злато, дијаманти и перење пари. Италијанската полиција соопшти дека успеала да разбие две групи, една со база во северна Италија и втора која оперирала од Сицилија.
Меѓу уапсените се еден македонски, еден албански и еден косовски државјани, како и седум италијански. Уште седум осомничени, повеќето од балканските држави, се во бегство.

Истрагата открила дека мигрантите плаќале по 3.000 евра за да бидат префрлени од северна Италија во Швајцарија.

Сицилијанската гранка на организацијата шверцувала мигранти од Балканот до Италија нудејќи им лажни работни дозволи.
Според командирот на полицијата во Палермо, Антонио Ди Стазио, осомничените криминалци имале „конкретни и многу опасни“ врски со сицилијанската мафија, Коза Ностра како и со косовски парамилитарни групи.

Косовско-сицилијанска врска

Меѓу уапсените е и Фатмир Љатифи за кој ДПА тврди дека им го продал оружјето на терористите кое беше користено за време на крвавата пресметка во Куманово во 2015 година. Љатифи бил вмешан и во повеќе други злогласни шверцерски зделки. Меѓудругото, се сомничи и за обид да препродаде дијаманти вредни 11 милиони евра, украдени во Швајцарија на непознати купувачи во Брисел. Но, таа зделка пропаднала, тврди италијанската полиција.

Името на Фатмир Љатифи досега не се споменуваше во македонската јавност во контекст на судирите во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Во судирите загинаа осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група која беше забарикадирана во повеќе куќи во населбата „Диво Насеље“, и ранети најмалку 40 лица.

До денес нема одговор кој стои зад нападот во Куманово, со какви мотиви и дали постојат и кои се нарачатели на истиот.

Италијанските медиуми кои известуваат за апсењето на мафијашката група, тврдат дека Фатмир Љатифи бил тесно поврзан со групацијата „Нова УЧК“ на Косово и мафијата во Катанија. Според сознанијата на италијанската полиција, токму Љатифи им ги продал оружјето и муницијата на припадниците на терористичката ќелија кои беа стационирани во Куманово. „Нова УЧК“ се смета за организација која негува тесни врски со џихадистички движења.

Љатифи бил приведен од италијанската полиција пред седум месеци при негово враќање од Косово, но бил следен уште од декември 2016 година. При претресот му биле одземени мобилни телефони и компјутери од кои била утврдена неговата поврзаност со бројни илегални зделки со оружје, како и вмешаноста во кумановски настани.

Доколку се докаже поврзаноста на Љатифи со кумановските настани, тоа ќе отвори нова трага во потрагата по вистината за крвавите судири во 2015 година. Дојче веле не успеа да добие информација дали македонската полиција била на трагата на Љатифи и дали има сознанија за неговата вмешаност во кумановските настани.

Извор: DW