Три свадби беа прекинати во Ѓаковица, Јуник и Слатина, додека еден ноќен клуб во Приштина беше затворен, објави доцна синоќа косовскиот министер за здравство Арменд Земај.
Продолжувањето на собирот на граѓани, дури и одржувањето на традиционални свадби, сериозно ги поткопува дисциплината и препораките за спречување и борба против вирусот, рече косовскиот министер за здравство, истакнувајќи дека биле преземени законски мерки против сопствениците на затворените објекти синоќа, пишува порталот „Косев“.
Додека хотелиерите и угостителите протестираат и бараат косовската влада да ја укине забраната за организирање свадби и други прослави, Земај вели дека ваквите настани можат да станат извор на инфекција и дека тоа е неприфатливо.
“Свадбите и сите други собири што можат да бидат извор на болест ковид-19 ќе бидат спречени и затворени во согласност со прописите за превенција и контрола на вирусите. Законот е многу јасен, само треба да се примени”, рече Земај во објавата на Фејсбук.
Земај додава дека сите мерки на косовската влада се воведени со цел да се заштити здравјето на граѓаните и дека сите што ги кршат ќе сносат последици.
Со воведувањето на првите мерки на косовската влада кон средината на март, беше наредено да се затворат угостителските објекти. Во јуни, пак, беше дозволено работење на кафулиња, барови, ресторани, трговски центри, но тоа остана нерешено кога свадбите и другите прослави повторно ќе бидат дозволени.
Сопствениците на сали за венчавки и хотелиери во неколку наврати протестираа и побараа од косовската влада да ја укине забраната за организирање прослави. Само пред пет дена косовската угостителска и туристичка комора официјално упати вакво барање до косовското Министерство за здравство.
Ова здружение на угостители организираше мирни протести на крајот на јули, а тие се повторија на крајот на септември, кога во знак на револт кршеа плочи пред владата. Потоа, косовската влада ги олесни мерките, продолжувајќи ја работата на угостителските објекти за еден час – од 22:30 до 23:30 часот.
Преземено од: http://rs.n1info.com/